Легендарниот италијански фудбалер Џанлука Вијали, кој ги одбележа 90-те години од минатиот век го загуби животниот натпревар на 59-годишна возраст ви битката со рак на панкреасот. Со опаката болест се бореше пет години. Не успеа да ја добие откако пред повеќе од еден месец повторно му се влоши здравствената состојба.
Вијали пред пет години дозна дека има рак на панкреасот и успеа во првиот обид да победи, но болеста му се врати две години потоа, па иако болен со Италија славеше европска титула на ЕП 2020, но мораше да се повлече привремено од функцијата помошник во стручниот штаб на селекторот Роберто Манчини на крајот од ноември за да се посвети на животната битка, која ја загуби.
Вијали, како и Синиша Михајловиќ, беше беспоштеден борец на теренот, ама и надвор од него. А, неговиот став за смртта откако му беше дијагностициран ракот, го отслика каков човек беше.
„Секако дека се плашам од смртта. Не знам кога ќе се изгаси моето светло од животот и не знам што има на другата страна од тунелот, ама возбуен сум да дознаам. Секако дека ќе бев посреќен да не бев болен, но сега тоа го прифаќам како дел од животот кој мора храбро да го живеам и да научам нешто. Животот е десет отсто од тоа што ни се случува, а 90 отсто како ние реагираме на тие случки. Се надевам мојата животна приказна ќе им помогне на останатите да се справуваат со овие работи на вистински начин“, зборуваше Вијали за својата животна битка.
Вијали е легенда на италијанските калчолигаш Сампдорија и Јувентус и на англискиот премиерлигаш Челси. Со Сампдорија ја освои единствената титула во Италија во историјата на овој клуб во 1991 година, а играше финале во ЛШ против Барселона во 1992, додека со Јувентус стана европски првак во 1996 година.