Search

Свечља: Убедени сме дека провокациите на Србија нема да престанат

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља изјави дека и покрај подобрувањето на ситуацијата на северот на земјата, провокациите на Србија нема да престанат, пренесува Коха. Тој додаде дека српските сили ги доживуваат како закана.

„Убедени сме дека провокациите на Србија против државата Косово нема да престанат. Видовме мешавина од различни дестабилизирачки акции во четири северни општини во изминатите неколку дена под директно влијание на српската држава и претседателот Вучиќ. Влијанието дојде во форма на мобилизација, финансирање и логистичка поддршка. Покрај тоа, како закана имало и српски вооружени сили стационирани на границата. Секако, имаше влијание и од Русија, како и од криминалните организации во регионот, кои со години го злоупотребуваа северот на Косово како транспортен пункт за стока, дрога, па дури и луѓе и успеваа да заработат огромен профит. Сите овие фактори заедно го дестабилизираа не само северот на Косово, туку и целата земја“, рече Свечља.

Тој изјави дека има причина за загриженост, но не и за страв, одговарајќи на прашањето „дали очекува Србија да го нападне Косово“.

„Бевме и сме загрижени, но нималку исплашени. Анализата на ситуацијата се заснова на постоечки факти и причини. Но, не може целосно да се исклучат неразумните сценарија. Во моментов сме сведоци на војна во Европа, во која деспотот следеше мрачни цели за Украина и регионот, преминувајќи ги црвените линии што до неодамна изгледаа незамисливи“, рече тој.

Свечља е на мислење дека „српската заедница на север е во тешка ситуација поради постојаниот притисок од Белград“.

„Знаеме дека на нашите граѓани на северот на Косово не им е лесно. Затоа што се под постојан физички, психолошки и финансиски притисок од криминални организации контролирани од Белград. Но и од разни криминални организации од регионот. Од друга страна, обезбедуваме инструменти на владеење на правото кои се стремат да обезбедат безбедност за сите граѓани. Криминалните организации се тие кои се обидуваат да го потиснат локалното население, особено независните и чесни гласови. Убеден сум дека и таму наскоро ќе завладеат ред и закони“, рече Свечља.

Треба да знаете
Последни објави