Луис Суарез кариерата ќе ја продолжи во фудбалскиот клуб Гремио, објавија медиумите од Порто Алегре. Суарез, 35-годишниот уругвајски напаѓач, договорил двегодишна соработка.
Суарез пред половина година го напушти Атлетико Мадрид и се врати во матичниот клуб, Национал. Во ноември тој со солзи се прости од Национал откако им помогна да ја освојат титулата во лигата со осум гола и три асистенции.
Тој го имаше своето деби за Национал во 2005 година како 18-годишник и веднаш му помогна на клубот да ја освои титулата со своите голови. Подоцна играше за Гренинген, Ајакс, Ливерпул, Барселона и Атлетико.
Во кариерата постигна повеќе од 500 голови и освои 19 трофеи. Тој е единствениот играч што успеа да ја прекине доминацијата на Меси и Роналдо во борбата за „Златната копачка“, а тоа го направи двапати.
Откако се договори со новиот клуб, Суарез отпатува во Аргентина за да му ја честита светската титула на својот голем пријател Лионел Меси.