Порталот за информатичка технологија IT.mk објави листа на топ 10 жени од Македонија во ИТ индустријата, кои со своите успеси активно придонесуваат за зајакнување на оваа сфера и треба да служат како мотивација и инспирација на сите. Изборот е направен од страна на редакцијата на IT.mk, во консултација со организациите „Women In Tech Macedonia”, „Startup Macedonia” и „GEA”.
Идејата за листата на најистакнати ИТ жени произлегува од резултатите од спроведеното мапирање на локалната ИТ индустрија за 2022 година, кое укажува на сериозен проблем во поглед на родовата еднаквост во оваа индустрија во земјата. Спроведената анкета покажува дисбаланс не само во застапеноста на жените во оваа индустрија, туку и во разликата во плати, особено на сениорски и менаџерски позиции. Оваа статистика е очигледна и во првото мапирање од 2019 година, а ако се анализираат и глобалните мапирања на ИТ индустријата, трендот е сеприсутен.
На листата на топ 10 .мк жени во ИТ индустријата, без посебен редослед, се најдоа:
- Светлана Кордумова, основач на Pixyle.ai, стартап кој годинава доби инвестиција од 1 милион евра и кој користи вештачка интелигенција за да идентификува модни продукти во фотографии.
- Делфина Јовановска, iOS инженер на Messages платформата во Apple.
- Марија Најдова, тим лидер и Core инженер во MUI.com, проектот кој одржува библиотека со React UI компоненти кои го имплементираат Material дизајнот на Google.
- Александра Митревска, ко-основач на старапот Native Teams, кој годинава доби инвестиција од 2 милиони евра и кој го менаџира и олеснува фриленс и хонорарното работење низ светот.
- Нина Георгиева, сениор продукт дизајнер во Instagram, која претходно била на истата позиција и во Google.
- Моника Симјановска, професор доцент на ФИНКИ која, покрај академската кариера, е активен софтвер инжинер и ко-основач на ИТ компанијата iReason која работи на свои патентирани продукти базирани на биоинформатика, вештачка интелигенција и машинско учење.
- Елена Икономовска, основач и главен директор за вештачка интелигенција во старапот Mnemonic во Сан Франциско, стартап кој има добиено 4 милиони долари инвестиција.
- Калина Трајаноска, најмладата членка на оваа листа, инженер, ко-основач и CEO на HRtech стартапот Konceptiva, кој во 2022 доби инвестиција од 100.000 евра.
- Катерина Трајчевска, ко-основач на Adeva, ИТ компанија фокусирана на градење на дистрибуирани ИТ тимови која сега има стотина вработени и соработници ширум светот и претставништво во САД.
- Елена Миовска, Engineering Lead во Mynd, американски стартап со над 170 милиони долари инвестиции, кој го олеснува менаџирањето на недвижнините со помош на технологија.
Листата и подеталните биографии на топ 10 жените се достапни на следниот линк.