Search

Инфлацијата во Турција во опаѓање

Годишната инфлација во Турција е благо намалена во ноември за првпат по постојан раст нешто повеќе од една година, објави денеска Турскиот статистички институт.

Потрошувачките цени за оваа година се зголемени за 84,39 отсто во ноември наспроти растот од 85,51 отсто во октомври. Месечната стапка на инфлација во ноември изнесуваше 2,88 отсто, наспроти 3,51 отсто во претходниот месец.

Тоа е првпат годишната инфлација да се намали од мај 2021 година.

Додека пандемијата и руската инвазија на Украина ја поттикнаа инфлацијата ширум светот, економистите веруваат дека инфлацијата во Турција е поттикната од верувањето на претседателот Реџеп Таип Ердоган дека зголемувањето на каматните стапки предизвикува инфлација, пренесува Бета-АП.

Традиционалното економско размислување вели дека зголемувањето на каматните стапки помага да се држи инфлацијата под контрола.

Ердоган побара до крајот на годината каматната стапка да биде едноцифрена.

На 24 ноември, турската централна банка одлучи да ја намали каматната стапка на 9 отсто, по серијата слични големи намалувања и покрај високата инфлација.

Ердоган рече дека неговиот модел, кој има приоритет на растот, инвестициите, вработувањето и извозот, се очекува да даде резултати во новата година.

Најголем годишен раст на цените е забележан во транспортниот сектор од 107 отсто, а потоа следуваат цените на храната и безалкохолните пијалоци од 102,55 отсто.

Треба да знаете
Последни објави