Легендарниот бразилски фудбалер Пеле синоќа преку социјалните мрежи им се заблагодари на навивачите ширум светот за пораките со поддршка кои ги прими откако претходно неделава повторно беше примен во болница во Сао Паоло.
Пеле, кому во септември лани му беше отстранет тумор од дебелото црево, беше хоспитализиран во вторникот поради проценка на ефикасноста на хемотерапијата.
Пораки со поддршка пристигнуваа од целиот свет, вклучувајќи и од селекторот на Бразил, Тите, од Светското првценство во Катар.
„Секогаш е убаво да добиете позитивни пораки”, наведе Пеле во објава на Инстаграм на која е прикажана зграда во Катар на која е проектиран неговиот лик со желби за брзо оздравување.
„Му благодарам на Катар за честа на сите кои ми испраќаат позитивни вибрации”, порача 82-годишниот Пеле, кој е единствен фудбалер во историјата со три светски титули, а со 77 голови на 92 натпревар е најдобар стрелец во историјата на бразилската репрезентација.