Search

Хаосот во Скопје прогресира– штрајк и раскинати договори на приватните превозници, тензии во Дрисла, блокирана сметката на „Водовод и канализација“

Главниот град утре ќе се разбуди со делумна блокада на булеварот „Илинденска“ откако приватните превозници решија да го радикализираат протестот поради неисплатените долгови од страна на Град Скопје.

Покрај со „Макекспрес“ Градот Скопје денеска го раскина и договорот со „Слобода превоз“ со што дефинитивно единствен автобуски оператор останува ЈСП.

Но на другата страна од градот, кулминира ситуацијата во Јавното претпријатие Дрисла, каде денеска вработени во прептојатието се затвориле во депонијата и не пуштаат никој да влезе и излезе.

Причина за ова е како што велат, најавите дека ќе следувале отпуштања на вработени.

Вчера пак, Сојузот на синдикати на Македонија објави дека сметката на ЈП „Водовод и канализација“ била неколку денови блокирана и стравуваат дека тоа може се почесто да се случува изразувајќи загриженост за нормалното функционирање на претпријатието.

Заедничко за сите овие ситуации е што сите се обраќаат и бараат решение од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, но се чини дека таа нема намера да презема каков било чекор да се надминат лошите состојби во јавните претпријатија под нејзина надлежност.

Опозициските советници, па и самата партија СДСМ веќе извесен период обвинува дека на Град Скопје му се случува колапс, додека и опозициската ВМРО-ДПМНЕ која го има мнозинството во Советот на Град Скопје, исто така ја обвинува Арсовска за неработа и бара нејзина оставка.

Истовремено, во јавноста се погласно се зборува дека и ЈП „Комунална хигиена“ како и во ЈП „Паркови и зеленило“ се во незавидна положба, дека наскоро и таму проблемите ќе испливаат на површина.

И додека Арсовска ги игнорира, од проблемите штета трпат граѓаните кои се лишени од редовно добивање на услугите што им следуваат.

Треба да знаете
Последни објави