Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) соопшти денеска дека обележјата во бои на виножито и транспаренти со пораки за поддршка на протестите во Иран ќе бидат дозволени на стадионите на кои се игра Мундијалот во Катар, ден откако репрезентациите на Велс и Иран се елиминирани од завршниот турнир.
Обезбедувањето на стадионите претходните денови заплени обележја во боите на виножито и транспаренти на кои пишуваше „Жени. Живот. Слобода”.
Во текот на првата недела од Мундијалот во Катар, седум европски репрезентации, вклучувајќи го и Велс, добија забрана од ФИФА капитените да носат ленти во бои на виножито, а некои навивачи се жалеа дека не им е дозволено да внесат на стадионите обележја во овие бои кои ја симболизираат ЛГБТ заедницата.
–ФИФА е свесна за изолирани инциденти во кои дозволени обележја не смееја да се внесат на стадионите. ФИФА доби гаранции од властите дека се контактирани припадниците на обезбедувањето на стадионите во врска со договорените правила и прописи за Светското првенство во Катар , се наведува во соопштението.