Search

Кариоките ги приземјиа „Орлите“-Бразил преголем залак за Србите

Србија на Драган Стојковиќ немаше сили за изненадување и го отвори Мундијалот со пораз од Бразил (2-0). Ричарлисон ја презеде улогата човек на одлука и со два гола во противничката мрежа донесе први бодови на контото на јужноамериканскиот тим.

Почетокот донесе агресивна игра на српскиот тим. По само неколку минути и два брзи фаули Страхиња Павловиќ заработи јавна опомена. Во поголемиот дел од времето се играше на средината од теренот. Бразилците за нијанса имаа повеќе посед на топка, но и српските фудбалер преку брзи транзиции беа закана за одбраната на противникот. Драган Стојковиќ одлично ја постави играта на својата репрезентација, која одлично го затвори Нејмар, првата ѕвезда на „кариоките“, кој не беше многу активен во воведното полувреме.

Рафиња го тестира Вања Милинковиќ-Савиќ, со еден удар по средината од голот. Бразил подобро го заврши полувремето, со повеќе иницијатива и контрола врз играта. Една голема грешка на Никола Миленковиќ му овозможи добра шанса на Винициус Жуниор, кој сепак не успеа да казни, во последната прилика пред паузата.

Работите можеа да се влошат за Србија, ако Рафиња беше прецизен во воведните моменти од продолжението. Немања Гудељ направи груба грешка, која бразилскиот ас не ја искористи. Следуваше нова закана, овојпат Нејмар биеше во „живиот ѕид“ од изгледна позиција. Бразилците подобро го отворија второто полувреме и започнаа да прават притисок, во потрага по водечки погодок. Најдобриот бразилски играч шутираше и со лева од казнениот простор, неколку минути подоцна, но повторно беше непрецизен.

Најблиску до отворање на резултатот беше Алекс Сандро. Левиот бек биеше силно од далечина и ја погоди стативата од српскиот гол. Тоа сепак го направи Ричарлисон неколку минути подоцна, кога искористи една одбиена топка, по удар на Винициус, и ја затресе небранетата мрежа на Србија. Ричарлисон беше човекот на одлука, кој го постигна и вториот гол за Бразилците. Овојпат на атрактивен начин го пронајде патот до целта и го постави конечниот резултат.

Во следното коло Бразил ќе се соочи со Швајцарија, а Србија ќе се надигрува со репрезентацијата на Камерун.

Треба да знаете
Последни објави