Фудбалската федерација на Македонија ги повикува навивачите кои ќе ја бодрат македонската репрезентација на утрешниот натпревар против Бугарија во Скопје, да им бидат поддршка на нашите фудбалери во текот на мечот.
– Ги повикуваме сите љубители на фудбалот и поддржувачи на македонската репрезентација со фер и коректно навивање да им помогнат на „Рисовите” да дојдат до победа на последниот натпревар од групата во Лига на нации. Апелираме на воздржаност од неспортско навивање, користење пиротехнички средства, неспортски транспаренти, користење на ласери, насилно однесување и фрлање предмети на терен. Единствено со фер, спортско и коректно навивање покажуваме почит кон нашиот национален тим и почит за противникот, стои во апелот на ФФМ.
Натпреварот на Националната арена „Тодор Проески” ќе почне во 20:45 часот, а влезовите ќе бидат отворени од 18:45 часот до 20:30 часот.
– Продажбата на билети за натпреварот Македонија – Бугариjа се организира исклучиво преку продажната мрежа на „MKTickets”. Продажбата се одвива исклучиво со физичко присуство на купувачите. Електронска (on-line) продажба на билети нема, посочија од федерацијата.