Фото: Слободан Ѓуриќ
Под мотото „Сите сме заедно, сите сме исти на различен начин” денеска на „Школка” во Градскиот парк во Скопје се одржи настан за зголемување на свесноста за лицата со атипичен развој и за нивно прифаќање, почитување и инклузија во општеството, во организација на „Играме заедно” – Аутизам ААМК и Колектив Ветерница.
Ова дружење беше една голема игротека со многу разновидни активности, забавни, тактилни игри, со музичка и ликовна работилница.
-Она што сакаме да докажеме и покажеме, како и секогаш на нашите дружби, е тоа дека и децата со атипичен развој сакаат да играат, да се смеат, да пеат, да другаруваат. И тие сакаат да бидат поканети на родендени, но и другите деца да доаѓаат на нивните. Но најважното од се`- сакаат да бидат заедно со другите деца. Сакаат да растат заедно. Преку игра да им покажеме на семејствата со типичен развој дека треба да ги надминат своите стравови коишто се резултат само на страв од непознатото и да се обидат да се запознаат со атипичните лица и со нивните семејства, да дознаат за самата болест или состојба, да најдат начин на којшто би им помогнале. Но за да е возможно сето тоа, пред се’ овие лица треба да бидат прифатени токму онакви какви што се, појаснуваат организаторите.
Според нив, по овој прв, но голем чекор, на сите семејства ќе им биде многу полесно, затоа што заедно ќе се движиме низ секојдневието и ќе градиме здраво инклузивно општество.