НАСА ќе го откаже лансирањето на новата ракета „Артемис 1″ на Месечината бидејќи на американската сојузна држава Флорида и се приближува тропската бура Јан.
Лансирањето на најмоќната ракета на американската вселенска агенција беше закажано на 27 септември.
Помошникот администратор во Дирекцијата за развој на истражувачки системи на НАСА, Џим Фри соопшти дека доколку се подобрат условите, постои можност сепак да се случи лансирањето.
Ова е трет неуспешен обид за лансирање откако НАСА мораше да го тестира додавањето на суперладено гориво во резервоарите на ракетата SLS за да потврди дека поправките го решиле проблемот што предизвика вториот обид за лансирање да биде напуштен кон крајот на август.
Контролата на мисијата во вселенскиот центар Кенеди забележа постојано истекување на водород од една од линиите за гориво на ракетата SLS и се обиде да го реши проблемот три пати, но тимот на крајот не успеа и лансирањето беше одложено.
Неколку дена подоцна, беше утврдено дека истекувањето се случило кога главниот резервоар за засилување помина низ краток период на прекумерен притисок. За да спречи повторување на инцидентот, тимот ги приспособи процедурите за полнење на резервоарот за гориво за да вклучи побавни транзиции на температурата и притисокот за да нема брзи промени кои предизвикуваат протекување. Исто така, инженерите ги замениле пломбите откако откриле мала вдлабнатина на една од нив, што можело да придонесе за истекување.