Македонскиот фудбалски прволигаш Работнички денес го именува Милан Илиевски за нов шеф на стручниот штаб. Тој доаѓа во тандем со Баже Илијоски кој ќе биде негов прв асистент.
– Двајцата од утре ја преземаат должноста и ќе го одржат првиот тренинг со тимот. Поранешните истакнати фудбалери на Работнички сега се враќаат во нова улога. Милан Илиевски беше дел од стручниот штаб на Игор Ангеловски во А-репрезентацијата на Македонија која успеа да обезбеди пласман на Европското првенство 2020 година, соопштија „дебармаалци” преку клупската веб-страница.
Во стручниот штаб на Милан Илиевски ќе бидат и Теодор Терзиев како кондициски тренер и Филип Ивановски кој ќе продолжи да работи со голманите.
Илиевски дебито на клупата ќе го има на натпреварот против Брегалница во Штип следниот викенд.