Оскаровецот Кевин Спејси изјави дека доброволно ќе се појави во Британија во најскоро можно време за да се соочи со обвиненијата за сексуален злочин, извести „Добро утро Америка“ во вторникот. Минатата недела, британското кралско обвинителство (ЦПС) соопшти дека одобрило да се покрене обвинение против Спејси (62) по четири точки за сексуален напад врз тројца машки лица, и дополнително обвинение за наведување лице да се вклучи во пенетративна сексуална активност без согласност.
Полицијата соопшти дека наводните напади се случувале од март 2005 година до април 2013 година, – четири во главниот град и еден во Глостершир. Вклучуваат едно машко лице кое сега има 40 години и уште две машки лица кои сега имаат 30 години.
Портпаролот на „ЦПС“ изјави дека Спејси ќе биде обвинет доколку биде уапсен во Англија или Велс.
„Многу ја ценам изјавата на Кралското обвинителство во која тие внимателно ги потсетија медиумите и јавноста дека имам право на правично судење и дека сум невин додека не се докаже спротивното“, Good Morning America ја цитира изјавата на актерот.
„Иако сум разочаран од нивната одлука, доброволно ќе се појавам во Обединетото Кралство веднаш штом ќе биде договорено и ќе се бранам од овие обвиненија, за кои сум убеден дека ќе ја докажам мојата невиност.“
Британските власти, наводно, бараат враќање на Кевин Спејси од САД во Велика Британија за да се соочи со обвиненијата за сексуален злочин. Некои британски медиуми навестија дека Спејси ќе се соочи со официјална екстрадиција во Британија доколку доброволно не се врати во земјата.