ФИФА: Бразил и Аргентина мора да го преиграат натпреварот прекинат поради прекршување на корона протоколите

Светската фудбалска федерација (ФИФА) одлучи дека репрезентациите на Бразил и Аргентина мора да играат меѓу себе во рамки на квалификациите за СП во Катар.

Натпреварот кој се играше на 5 септември беше прекинат поради прекршување на корона протоколите.

Имено, во седмата минута од натпреварот кој се играше во Сао Пауло, на теренот влетаа претставници на бразилските здравствени власти бидејќи четворица аргентински фудбалери ги прекршиле корона протоколите за карантин и ги фалсификувале пријавите.

Аргентинските репрезентативци Емилијано Буендија, Емилијано Мартинез, Џонани ло Селсо и Кристијан Ромеро, тврделе дека претходните 14 дена пред одигрување на натпреварот не биле во Обединетото Кралство кое тогаш било на црвената листа на бразилските власти, а настапуваат во премиерлигашки екипи.

ФИФА ги казни четворицата Аргентинци со два натпревари суспензија бидејќи не ги почитувале протоколите.

Казнета е и Фудбалската федерација на Бразил со 250.000 фунти поради неисполнување на обврските поврзани со безбедноста, подготовката како и поради прекинот на натпреварот. ФИФА не одреди нов термин на одигрување на натпреварот помеѓу двете репрезентации кои веќе го обезбедија учеството на Мундијалот во Катар.

Треба да знаете
Последни објави