Search

Црногорските ракометари ја шокираа Словенија и остварија историски успех

Фото: Слободан Ѓуриќ

Црна Гора дефинитивно е најголемото и најпријатно изненадување во групата А на Европското првенство, бидејќи по оставрената победа над Македонија, денеска го шокираше фаворитот Словенија и се пласираше во главната фаза на континенталниот турнир.

Небојша Симиќ по триумфот над нашата селекција најави дека верува во големо изненадување во дуелот против Словенија доколку тој и соиграчите одиграат пожртвувано и тимски како на мечот со Словенија, па така Црногорците сите проблеми со коронавирусот ги оставија зад себе и остварија историски успех на едно Европско првенство.

Денешниот меч во Дебрецин беше навистина неизвесен и возбудлив до самиот крај, но во драматичната завршница, до израз дојде токму голманот Симиќ кој се претвори во нов херој за Црногорците.

Чуварот на мрежата на Црна Гора одбрани три пенали против Доленец, Макуч и Маргуч во самата завршница од средбата, која на крајот му припадна на аутсајдерот со 33:32 за најголема победа во историјата на машкиот ракомет.

Триумфот е уште посладок бидејќи на стартот на второто полувреме се чинеше дека Словенија е во позитивна ситуација поради предноста од плус четири, што доволно говори за карактерот и желбата на избраниците на Рогановиќ кои ги шокираа Врањеш и неговите ракометари.

Вујовиќ со своите девет гола беше лидер во нападот на Црна Гора, седум постигна Грбовиќ, а со пет реализации мечот го заврши Анѓелиќ.

Треба да знаете
Последни објави