Односите меѓу Северна Македонија и Грција во нагорна линија во 2021 година

Низа средби и посети на највисоко ниво, некои од нив и со историски карактер, потпишани договори за соработка, заложби за продлабочување на соработката, ја одбележаа 2021 година во македонско – грчките односи, кои се чини дека влегоа во нормален тек, се движат во нагорна линија, мразот веќе одамна е скршен, а довербата сѐ повеќе се зајакнува, но во исто време Грција останува и силен поддржувач на ЕУ перспективата на Северна Македонија, анализира дописничката на МИА од Атина.

Претседателот, премиерот, собранискиот спикер, шефот на дипломатијата, вицепремиери, министри од Владата во повеќе наврати или официјално или за учество на конференции ја посетија Атина, а постоеја и возвратни патувања во Скопје, средби на високо ниво кои секогаш поминуваа во позитивна и конструктивна клима.

Историска беше првата официјална посетата на претседателот Стево Пендаровски, кој на почетокот на октомври, на највисоко ниво, со сите државни почести беше примен од грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, оствари низа средби, меѓу кои и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Станува збор за прва посета на највисоко ниво меѓу двете држави, со оглед на тоа дека досега, ниту еден претседател на нашата земја не ја посетил Атина, ниту пак некој грчки претседател бил во Скопје.

Пораките од средбите беа дека Грција цврсто ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија, дека постои посветеност од двете земји за почитување и спроведување на Договорот од Преспа, врз основа на принципот „pacta sunt servanda”, но и за можностите за продлабочување на соработката и за вложување искрени и двострани напори за поголемо зближување на двете држави и двата народи.

Во интервју за МИА, на крајот од дводневната, прва, историска официјална посета на Грција, претседателот истакна дека посетата како таква покажа дека билатералните односи меѓу двете земји влегуваат во еден нормален тек, иако е само почеток на еден подолг процес во кој тој лично очекува дека „динамиката на политички односи на највисоко политичко ниво, премиерско, претседателско, министерско, ќе продолжи да се развива, меѓутоа темпото е ветувачко”.

-На двете мои средби, зборувам за овие на највисоко политичко ниво со премиерот и со претседателката, од моја страна, реков: би сакал овој тип на посети да стане рутина. Од моментот кога ќе станат рутина значи сосема се нормализирани билатералните односи. Сѐ уште не се, знаете дека не се. Тие, во еден момент, во една прилика на средбата, премиерот Мицотакис ги нарече „сѐ уште свежи рани” во одредени сегменти на политичкиот спектар во Хеленската Република. Значи тоа постои кај нас, постои отпор, сѐ уште постојат луѓе кои не веруваат во Преспанскиот договор и покрај неговите очигледни придобивки, позитивни ефекти за развојот на државата. Знаете дека во Грција, тука сте со години, тој отпор беше и поголем особено во оние региони кои гравитираат кон границата со нас. Така што, ќе треба време и јас мислам дека ќе треба едукација на новите генерации, кои треба да се воспитуваат во духот на европската солидарност и толеранција, рече Пендаровски за МИА.

Грчката претседателка Катерина Сакелароулу во говорот на вечерата во чест на Пендаровски, осврнувајќи се на важноста на првата официјална посета на претседател на Република Северна Македонија во Грција, потенцираше  дека „веќе е отворено едно важно поглавје во нашите билатерални односи, што им дава нов импулс”.

Прва посета на Атина како претседател на Собранието оствари и Талат Џафери, кој две седмици по посетата на Пендаровски, учествуваше на Конференција на претседатели на Парламентите на земјите – членки на Советот на Европа, а на маргините се сретна со претседателот на грчкиот Парламент Константинос Тасулас.

На средбата, што беше и прва на ова ниво, Тасулас и Џафери разговарале за продлабочување и интензивирање на соработката, за што и двајцата, во изјавите по средбата, изразија волја и подготвеност.

Тасулас истакна дека Парламентите со кои претседаваат треба да го покажат патот за подобрување на односите меѓу двете земји, а Џафери порача дека оваа прва средба треба да биде поттик за поинтензивна взаемна комуникација и соработка.

Во изјава за МИА, претседателот на Собранието на Северна Македонија коментираше дека средбата е во доменот на историска средба, „имајќи предвид дека во претходните три децении на ниво на Парламенти немало никаква официјална комуникација во смисла на она што е соработка меѓу двата Парламента” и откри дека Тасулас изразил „подготвеност да се вложи себе си во напорите за отворање на преговорите со ЕУ”.

Од друга страна, Зоран Заев во функција на премиер беше два пати во Атина, во мај, на Делфи економскиот форум и два месеци подоцна на конференцијата на „Економист” .

За време на Делфи економскиот форум, со Заев во Грција беа и министри од Владата, како и вицепремиерот Никола Димитров, кој исто така земја учество на панел дискусија.

Тогашниот премиер беше примен и од неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис, а посетата и средбата се поклопија и со планираниот почеток на грчкиот туризам и отворањето на границите и за Северна Македонија, по пауза од 14 месеци.

Ден пред отворањето на границите, а веднаш по средбата со Мицотакис, Заев, преку Фејсбук, соопшти дека ќе се отвори граничниот премин Евзони за сите граѓани на Северна Македонија кои имаат документ поврзан со Ковид-19.

Во интервју за МИА, тогашниот премиер објасни дека веста за границите била директно соопштена на состанокот со Мицотакис, додека пак во однос на политичкиот дел од разговорите, била разгледани можности за соработка, особено во економијата и енергетиката, а Заев во разговорот со дописничката од Атина, откри дека грчкиот премиер развил неколку позитивни идеи, кои би можеле да помогнат за тргање на бугарската блокада.

На почетокот на годината и додека Грција беше во строг карантин, шефот на дипломатијата Бујар Османи ја посети Атина, беше примен од грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, се сретна со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис,  со министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас со кој потпишаа три меморандуми за разбирање: во областа на цивилната заштита, за дипломатската едукација и меморандум меѓу „Invest North Macedonia” и „Enterprise Greece”, а оствари средби и со алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милтиадис Варвициотис.

Северна Македонија и Грција го потпишаа Договорот за интеконекторот за природен гас

За време на втората посета на поранешниот премиер Зоран Заев на Атина на почетокот на јули кога учествуваше на конференцијата на „Економист” и ја предводеше нашата делегација, во која беа вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, како и министерот за економија Крешник Бектеши, беше потпишан и договорот меѓу Северна Македонија и Грција за развој на интерконекцијата за природен гас меѓу двете земји.

Договорот меѓу двете Влади, на 9 јули го потпишаа Бектеши и министерот за животна средина и енергија на Грција Костас Скрекас, кои порачаа дека станува збор за важен договор за двете земји и за регионот.

Бектеши истакна дека е голем чекор напред кон подобрување на енергетската инфраструктура на нашата држава, интерконекторот ќе придонесе за диверзификација во снабдувањето, ќе ѝ даде можност на Северна Македонија да ги снабди со природен гас и северните соседи, а има посебна важност и за односите со Грција.

Скрекас рече дека со меѓувладиниот договор за изградба на гасоводот што ќе почнува од Неа Месимврија и ќе завршува во Гевгелија се постигнуваат две работи: ќе биде надградена геополитичката улога на Грција, со оглед на тоа дополнително ќе се зајакне нејзината улога „како енергетски крстопат, што од нашиот национален систем ќе пренесува природен гас во Северна Македонија”, а од друга страна нашата земја ќе има можност да го намали влијанието врз животната средина, да ја постигне енергетската транзиција и постепено, да ги замени со природен гас позагадувачките облици на искористување на производството на електрична енергија.

Два месеци по потпишаниот договор на политичко ниво, следеше и договор за соработка за развој и изградба на интерконекторот за природен гас меѓу извршниот директор на Националните енергетски ресурси (НЕР) Бајрам Реџепи и главната извршна директорка на Грчкиот национален оператор за пренос на гас ДЕСФА Мариа Рита Гали.

Договорот ги воспоставува и ги дефинирани принципите на соработка, условите и временската рамка за изградбата на гасоводот што предвидено е да биде во должина од 123 километри и да се протега од Неа Месимвриа кон Неготино, преку Гевгелија и да ги поврзува двата национални системи за пренос на природен гас.

Почетниот капацитет ќе биде 1,5 милијарди кубни метри годишно, со можност за проширување до 3 милијарди кубни метри годишно, спроведени се и студии со цел гасоводот да има соодветни спецификации за транспорт на зелен водород, а проектот се проценува дека ќе чини околу 110 милиони евра.

Говорејќи на Енергетскиот форум за југоисточна Европа („Southeast Europe Energy Forum 2021″), на чии маргини беше потпишан договорот, заменик-претседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи истакна дека изградбата на интерконекторот со Грција ќе ни даде можност да се позиционираме како регионален центар за снабдување со гас на земјите во регионот на Југоисточна Европа.

Mинистерот за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија Насер Нуредини, по неговото учество на Делфи економскиот форум, во интервју за МИА изрази уверување дека има многу потенцијал за соработка со Грција, ја истакна важноста на интерконекторот, но објасни дека е само еден од проектите на кои се работи и додаде дека со грчките власти, споделуваат и дискутираат за различни пристапи за управување со цврстиот отпад, за циркуларната економија, но и за водите во Преспанското и Дојранското езеро и реката Вардар.

На конференции во Грција, како во Атина, така и во Солун,  учествуваше и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, додека пак 2021 година ја одбележаа и посети и во „обратна насока”,односно од Атина кон Скопје.

На крајот на август шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и заменикот МНР Костас Франкојанис на покана на министерот Бујар Османи ја посетија Северна Македонија, а месец и половина подоцна и десетина дена по посетата на Пендаровски на Атина, за Скопје замина алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милтиадис Варвициотис.

Соработка имаше и во други области, Грција донираше вакцини за Северна Македонија, помогна во битката со пандемијата, а односите беа подобрени и во одбраната и соработката на армиите.

Двете земји потпишаа  и програма за билатерална воена соработка за 2021 година што вклучуваше помош и поддршка за прашањата поврзани со интеграција на армијата во НАТО структурите, обука и едукација во центри на грчката армија, соработка за низа теми од заеднички и воен интерес и беа спроведени низа заеднички вежби и обуки за падобранство и скокови од воздухоплови, за нуркање итн на силите за специјални операции на Северна Македонија, грчките Ф-16 го надлетуваа нашиот воздушен простор.

Изминатата година, ја одбележа и фактот што Северна Македонија и официјално доби прва амбасадорка во Грција, по подигнувањето на дипломатските односи по Договорот од Преспа, откако Канцеларијата за врски во Атина стана амбасада.

На церемонија во Претседателската палата во Атина, на 15 јуни амбасадорка Лидија Бошковска ѝ ги предаде акредитивните писма на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу.

За време на аудиенцијата, која поминала во срдечна клима, Сакеларопулу и Бошковска, според информациите на МИА, разговарале за билатералните односи, за соработката, економијата, пандемијата, но и за туризмот.

Минатата година Грција интензивно ја нагласуваше поддршката за европската перспектива на Северна Македонија, поддршка која останува силна и непроменета, додека пак опозициската СИРИЗА ја истакнуваше важноста на Договорот од Преспа, кој особено го потенцираше актуелната грчка Влада по најавата дека Зоран Заев ќе се повлече од премиерската функција…

Треба да знаете
Последни објави