Што значи „зелена” зграда?

Зелена средина, еко зграда, зелена зграда, енергетски ефикасни објекти, се многу често споменувани термини преку кои се укажува на една нова современа тенденција во урбанизмот. Сепак, термините сами по себе само површно го објаснуваат значењето и што всушност претставуваат. Кај нас во мислата прва асоцијација е дека на зградата ќе има зеленило, но суштината е сосема поинаква.

Зелената зграда е резултат на планирање, проектирање, изградба и животот на зградите, земајќи предвид неколку важни размислувања: употреба на енергија, употреба на вода, квалитет на внатрешната средина, избор на материјалот и ефектите од градбата и постоењето врз непосредната околина и врз животот на луѓето. Преку дизајнот и конструкцијата, зелените згради ги зачувуваат природните ресурси и го подобруваат квалитетот на животот воопшто.

Зелена градба се нарекува онаа што во својата конструкција и дизајн има решение за ефикасно користење на енергијата, вода и други ресурси, користи обновлив извор на енергија како што е сончевата, има вградено мерки за намалување на отпадот и обезбедува можност за селектирање, повторна употреба и рециклирање. Во изградбата на овие згради се користат не токсични, етички и одржливи материјали коишто пак го гарантираат квалитетот на воздухот во затворените простории. И надворешниот дизајн е еднаков важен за една зграда да биде зелена, односно потребно е дизајнот да биде прилагодлив на променливата околина и да презема карактеристики од природната околина.

Во суштина, секоја зграда без разлика на нејзината намена, дали е станбен простор, јавен објект или канцеларија може да биде зелена зграда, под услов да ги вклучува сите карактеристики кои се однесуваат на квалитетот на животниот простор.

На зелените згради се гледа како долгорочна инвестиција, иако на прв поглед трошоците за градба се повисоки, сепак гледано на подолг период и со сите фактори земени предвид, идните трошоци и проекциите врз нив, како користењето обновливи извори на енергија значително ги намалува трошоците за енергија, греење и ладење, со што трошоците за одржување се за 20 отсто пониски од традиционалните згради.

Со сите овие карактеристики и заради неопходната и брза урбанизација, се мисли дека зелените згради можат да бидат една од важните алатки во борбата против загадувањето.

Треба да знаете
Последни објави