Search

Што со пластичниот отпад од нашите домаќинства?

Квалитетот на живот за секој од нас значително зависи од тоа каква животна средина имаме. Нашите навики и зголемената консумација на производи, пред се во пластични пакувања, се причинител за создавање големи количини на отпад, а дополнително за тоа придонесува и несоодветното третирање на отпадот кое предизвикува загадување кај нас и насекаде во светот.

Во март 2020 година е објавен извештај изготвен од страна на Научно советодавното тело на европските академии (EASAC), каде истражувачи од 28 европски земји го претставија степенот на проблемот со пластиката и наведоа приоди за негово решавање. Според овој извештај светското производство на пластика е зголемено за 20 пати од 1960-тите години. Во 2018 година, фабриките забележаа излез од 360 милиони тони пластика, од кои 62 милиони тони се произведени во Европа.

Во Македонија можеме да забележиме недостаток на систем за управување со отпад, а се рециклира само 1% од вкупно собраниот пластичен отпад. Во ова тешко време на пандемија, проблемот со отпадот е ставен во втор план, но количината отпад се повеќе и повеќе се зголемува и ова ќе предизвика огромно влијание врз животната средина и здравјето на населението во иднина. Рециклирањето на отпадот, пред сè започнува од домаќинствата, во повеќето европски земји луѓето го селектираат отпадот во своите домови а потоа селектираниот отпад го собираат комуналните претпријатија.

Во Македонија, усвојувањето на ваков систем ќе трае долго и дури и нереално. Пред да започне селектирањето во домовите, прво треба граѓаните да се информираат и едуцираат како да го селектираат отпадот и второ да им се овозможи селектирање во домовите. Најдобар систем за селекција на отпад во овој момент би бил луѓето да фрлаат мешан пластичен отпад во жолти контејнери поставени во населените места.

Но, сепак доколку луѓето не знаат што се случува со пластичниот отпад и каков е резултатот односно исходот од нивното лично залагање, ова нема да успее. Засега единственото решение го нудат компаниите што селектираат пластика, како што е G&O Waste solutions којашто работи во индустриската зона во Гевгелија.

„Клучот на успехот за вклучување на граѓаните во процесот на селекција на отпадот во нивните домови е сите да бидат убедени дека личната постапка и ангажман ќе бидат корисни. Ако граѓаните видат дека пластиката која тие ја селектирале завршува на некоја од општинските депонии кои во најголем дел се неконтролирани, без никакво рециклирање, ова нема да успее. Напротив, кога македонските граѓани ќе знаат дека нивната пластика ќе се рециклира во единици како што е нашата модерна фабрика за рециклирање, тие активно ќе учествуваат во овој процес и состојбата со отпадот ќе се подобри. Нашата единица за рециклирање го прима мешаниот пластичен отпад и ја селектира пластиката според типот, полипропилен, полиетилен, пластичен филм и слично. Овој внимателен избор овозможува подобро рециклирање на отпадот и придонесува потоа да се намалат произведените количини пластика и на крајот да се подобри нашето опкружување”, велат од G&O Waste.

Општините и комуналните претпријатија се тие кои треба да го информираат народот за видовите пластичен отпад, како да се селектира, што од што да се издвои, за тоа колку е важно да го фрлаат нивниот пластичен отпад во посебните контејнери и како ќе се управува по собирањето. Доколку населението е свесно што ќе се случи со нивниот пластичен отпад и колку процесот на селекција и рециклирање е од корист на околината, луѓето ќе бидат помотивирани активно да учествуваат во овој процес за чиста животна околина.

Треба да знаете
Последни објави