Врховен ја поништи пресудата за убиството на матурантот во Ѓорче, пак ќе му се суди на Ештрефи

Пресудата за убиството на матурантот Ангел Петковски е укината на 30-ти септември од страна на 5-член совет на Врховниот суд, објави Телма од судски извори. Процесот според Врховниот суд треба да се врати на почеток за да се утврдат сите процесни законски можности во врска со првото судење и со доказната постапка.

Ангел Петковски беше убиен со нож на кејот на реката Вардар во Ѓорче Петров на 19-ти мај 2014-та година. Осомничениот беше фатен многу бргу по настанот.

Тинејџерот Насер Ештрефи од општина Сарај беше осуден на 14 години затвор за убиството. Одбраната на осудениот тврдеше дека станува збор за самоодбрана бидејќи бил нападнат од жртвата и неговиот татко кои го бркале затоа што сакал да им украде велосипед од дворот. Судот утврди дека обвинителството нашло доволно докази за убиството и за извршителот по што ја изрече казната.

Првостепената пресуда скопскиот кривичен суд ја донесе во јули 2015 кога Ештрефи го осуди на 14 години затвор. За време на судскиот процес обвинителството тврдеше дека се работи за убиство со умисла, додека обвинетиот Ештрефи тврдеше дека бил физички нападнат и дека убиството го извршил во самоодбрана. Една година подоцна Апелација ја потврди пресудата. Во текот на судењето беа испитани бројни сведоци и докази, но ножот со кој е сторено убиството не беше пронајден, иако, според Обвинителството, теренот веднаш по трагичниот настан бил детално пребаран.

Треба да знаете
Последни објави