Чевларските компании со намален капацитет на работа, стравуваат од новиот корона бран во Европа

Чевларските компании од Куманово, оние кои го преживеаа првиот бран од ширењето на коронавирусот и затворањето на границите, последниве месеци успеваат да работат, да ги задржат вработените, но со намален капацитет, информира денеска Здружението на чевларски компании Куманово.

Како што велат сопственици на производни погони, добро поминуваат оние што работат лон производство, но не и компаниите кои работат за домашниот пазар, каде потрошувачката е сведена на минимум. Дуќаните кои продаваат чевли за домашниот пазар регистрирале заработка кога граѓаните ги трошеа платежните картички, но сега го нема очекуваниот прилив, со оглед на фактот што учениците физички не ја посетуваат наставата.

– Не сум сигурна колку од нас ќе користат мерки од Владата, бидејќи нам сезоната ни е шест месеци со странските партнери. Можеби ќе имаме нарачки за работа три месеци, но реален страв имаме од најавата за ширење на нов бран во Европа, декември-јануари, и се плашиме состојбата да биде како што беше со првиот бран, затворање на тамошните молови, кога изгубивме дел од нарачките. Веќе бевме сведоци кога дел од нашите компании поради затворањето на границите и првичниот удар во Италија, земја со која имаме најголема соработка престанаа да работат, што веднаш резултираше со прекинување на нарачките, така што голем број колеги ги затворија погоните додека траеше кризата, односно ги ставија во мирување и повторно ги активираа кога состојбата делумно се стабилизираше, изјави претседателката на здружението, Лидија Милановска.

Оние кои успеаја да ги надминат првичните удари, затворањето на Кина од каде се набавуваат репроматеријали и Италија, сега стравуваат дека новиот бран делумно ќе го стопира производството. Очекувањата на надлежните се дека со стабилизирањето на состојбата со коронавирусот ќе се врати редовниот процес на работа на производните капацитети.

Треба да знаете
Последни објави