Товарниот брод „Томи Ритшер“, кој плови под португалско знаме, бил заземен од неидентификувани лица кај крајбржјето на Бенин, во понеделникот вечерта, објави службата „Драјад глобал“, која се занимава со безбедносни прашања на поморската навигација, пренесува ТАСС.
Според организацијата, мултинационалниот екипаж на бродот вклучува државјани на Русија, Украина, Филипини и на Бугарија. Единаесет членови на екипажот успеале да се сокријат во специјалната армирана кабина, а осуммина веројатно се заробени од напаѓачите.
Според „Драјад глобал“, нигериските власти испратиле патролен брод до пловилото. Барањата на напаѓачите се уште не се познати. Руската амбасада во Бенин и Того останува во контакт со морнарицата на Бенин и администрацијата на пристаништето Котону за инцидентот.
„Околу 7-8 членови на екипажот се држат како заложници на бродот, а меѓу нив може да има и Руси. Амбасадата, од своја страна, ги верификува овие информации“, соопшти руската Амбасада на својата страница на „Фејсбук“.
„Амбасадата го следи развојот на ситуацијата и одржува близок работен контакт со поморската команда на Бенин и администрацијата на градското пристаниште во Котону“.
Според дипломатите, бродот во моментот е блокиран од патролни чамци на морнарицата на Бенин во територијалните води на земјата. Веројатно, бродот го зазеле пирати.