Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села на прес-конференција попладневи истакна дека не се согласува во целост со одлуките на Владата во битката за заштита од коронавирусот. Меѓу мерките со кои не се согласува ја посочи должината на полицискиот час.
-Не се согласувам со тоа што имавме одлуки за полициски час подолг од 48 часа, бидејќи тоа придонесе да се формираат редици пред маркетите, а тие редици и собирање на граѓаните се спротивно на препораките на СЗО, сигурно дошло до тоа некој да се инфицира – порача Села.
Тој посочи дека според него, полицискиот час е потребен, но тој да почнува во 19 часот и да трае до 5 часот наутро токму од причина граѓаните да можат да набават што им е потребно. За маркетите, тој посочи оти, како што предложиле пред две недели, требало да се направи план за шалтерско пазарење односно купувачите да одат со список до маркетот и истиот да им го даваат на вработените. Вработените во маркетите да ги соберат продуктите и да им ги дадат на купувачите кои чекаат надвор.
Понатаму, Села потенцираше дека не се согласува и со одлуката за карантин во Куманово, Прилеп и Тетово. Делумно се согласувам, но не знам од која причина и Тетово треба да е во карантин. Друго, граѓаните се принудени да носат маски. Тоа е во ред, како еден од механизмите за заштита, но државата треба да им обезбеди маски на граѓаните, на сите граѓани во целата територија според лидерот на Алијанса за Албанците.