„Макпетрол” АД изрази поддршка на одлуката на Владата за зголемување на нафтените деривати како една од пакетот антикризни мерки за стабилизирање на буџетот на државата.
– Во овие моменти потребно е секоја индустрија да излезе со поддршка за спасување на економијата. Сметаме дека секој треба да покаже солидарност и да преземе дел од товарот и помогне за справување со кризата што не засега сите, наведуваат од „Макпетрол” во денешното соопштение.
Но, оттаму сметаат дека институциите и Владата должат објаснување што покажуваат анализите и бројките на предлогот за зголемување и изедначување на акцизата на екстра лесното гориво и дизелот.
– Додека државните институции имаат проценки дека со изигрување на сегашната правна рамка на пазарот како гориво за транспорт завршуваат околу 50 милиони литри екстра лесно гориво за греење, државата не презема мерки за сузбивање на сивата економија. Статистиката покажува дека годишно се увезуваат 55 милиони екстра лесно гориво, а реалната потрошувачка е пет милиони, вишок остануваат 50 милиони од ова гориво. Државата губи по повеќе од 11 денари од литар екстра лесно гориво што се користи за транспорт, стои во соопштението.
Оттаму прашуваат на кого во државата му одговара криминалот со „црвената нафта”, зошто се уште масовно се троши екстра лесно гориво кога е завршена грејната сезона и за тоа зошто државата ја дозволува сивата економија.
Потенцираат дека злоупотребата на екстра лесното гориво прави штета на буџетот на државата, на животната средина и на конкуренцијата. Тоа содржи 100 пати повеќе сулфур од обичниот дизел и е сто пати поголем загадувач.
Според оваа компанија државата има механизми и мора да ги користи во насока на заштита на потрошувачите од измами, на пазарот од нелојална конкуренција и на животната средина од несовесни загадувачи.
Наведуваат дека голем дел од земјите во регионот го имаат регулирано пазарот со екстра лесното, додека во Европската Унија, голем дел од земјите одамна го исфрлија од употреба екстра лесното гориво. Дадените препораки на Република Северна Македонија од Светска банка за транзиција кон почисти горива и забрана на горива во висока емисија на сулфур (екстра лесно гориво) не се почитуваат.
„Макпетрол” АД уште еднаш апелира до Владата и до сите државни институции за посериозен пристап кон предлогот за израмнување на акцизата на екстра лесното гориво со дизелот, а не да ги штити криминалот и злоупотребите со ова гориво. Во спротивно, како што стои во соопштението, „Макпетрол” АД, како одговорна компанија и водечка сила во енергетскиот систем на нашата држава која работи и се стреми кон законито функционирање ќе ги запознае релевантните меѓународни институции, Светската банка за транзиција и Европската енергетска заедница за ова.