Кина со повик до САД да ги исполнат обврските кон СЗО

Кина ги повика Соединетите американски држави да ги исполнат своите обврски кон Светската здравствена организација (СЗО), откако американскиот претседател Доналд Трамп, незадоволен од работата на тоа тело на ОН за време на пандемијата на коронавирус, нареди запирање на плаќањето на редовната членарина на САД во СЗО.

На прашањето дали Кина е подготвена да го Надомести кусот во касата на СЗО, претставникот на кинеското Министерство за надворешни работи даде неодреден одговор, пренесува Танјуг.

Тој констатираше дека пандемијата, во која заболеја повеќе од два милиони луѓе, се наоѓа во критична фаза и оти одлуката на Вашингтон ќе ги погоди сите земји.

Трамп нареди да се прекине американското учество во финансирањето на СЗО бидејќи е незадоволен од работата на оваа организација во текот на пандемијата на коронавирусот. На прес конференција во Белата куќа тој синоќа оцени дека СЗО не ја исполнила својата основна должност и дека за тоа ќе мора да одговара.

Трамп ја обвини СЗО дека промовира „кинески дезинформации” за коронавирусот, што, како што оцени, веројатно доведе до поголема епидемија на вирусот отколку што во спротивно ќе се случеше.

САД се најголемиот донатор во СЗО. Минатата година оваа држава во СЗО дала повеќе од 400 милиони долари, што е околу 15 отсто од нејзиниот буџет, кој изнесува околу 4,5 милијарди долари.

Треба да знаете
Последни објави