Од Атина за Луксембург заминаа 12 деца бегалци без придружба

Ова е нов чекор во вашите животи, им порача алтернативниот министер за миграција и азил на Грција, Јоргос Кумуцакос на 12-те деца бегалци без придружба, кои денеска од Грција заминаа за Луксембург, јави дописничката на МИА од Атина.

Децата кои досега беа во прифатните центри на грчките острови Лезбос, Самос и Хиос, сега веќе ќе започнат нов живот во северниот дел на Луксембург.

На атинскиот аеродром, децата бегалци ги испратија алтернативниот министер за миграција и азил на Грција, Јоргос Кумуцакос, специјалната претставничка од грчката Влада за заштита на децата бегалци без придружба, Ирини Агапидаки и амбасадорот на Луксембург во Грција, Пол Стаимец.

Кумуцакос, според грчката новинска агенција АНА-МПА, не децата им подели подароци за да не ја заборават Грција, додека пак Стаимец ги информирал за Луксембург, објаснувајќи им дека ќе живеат во мало и мирно туристичко село на северниот дел од земјата.

Паралелно, им порача дека сега треба да одат на училиште, да научат француски или германски и додаде дека половина од населението се странци, па така „нема да се чувствуваат малцинство”.

– Ова е почеток на еден обид, на една иницијатива и на еден европски план што се однесува на вкупно 1.600 деца бегалци без придружба, кои ќе се релоцираат од Грција во други земји-членки на Европската унија. Денеска почнавме. Ова беше првата група. Ова беше почетокот, знак на видлива солидарност од пријателската земја Луксембург. Земја која презема 12 деца, а е земја со 600.000 жители, втора најмала во Европа по Малта. Па така, дава пример за други, поголеми земји, посилни и побројни, рече Кумуцакос по заминувањето на децата.

Релокацијата доаѓа по договорот меѓу алтернативниот министер за миграција и азил на Грција Јоргос Кумуцакос и министерот за надворешни работи, миграција и азил на Луксембург, Жан Аселборн.
За сабота, планирано е 50 деца без придружба од Грција да заминат за Германија.

Кумуцакос, во четвртокот, преку видеоконференција ги информираше странските дописници во Атина и за започнатите процедури за релокација на децата згрижени во Грција, објасни дека досега, меѓу земјите кои изразиле интерес за прием се Швајцарија, Франција, Финска, Србија, Белгија, Литванија, Хрватска, Ирска и Бугарија, а одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, рече дека во овој момент во Грција има 5.240 деца бегалци без придружба.

Треба да знаете
Последни објави