Осака ги повика граѓаните да донираат пластични мантили за болниците

Јапонскиот град Осака ги повика своите жители да донираат пластични мантили како помош на болниците кои немаат заштитна опрема за медицинскиот персонал.

Градоначалникот на Осака Ичиро Мацуи рече дека некои здравствени работници носат вреќи за ѓубре додека ги лекуваат пациентите, пренесе Би-Би-Си.

– Ако се заразат лекарите, никогаш нема да го победиме коронавирусот, рече Мацуи и додаде дека постои голем недостиг на заштитна опрема.

На веб-страницата на градот Осака наведено е дека се прифатливи сите бои и стилови мантили кои се наменети за возрасни лица.

Во Осака се регистрирани речиси 900 случаи на заразени од новиот коронавирус и претставува најпогоден град по Токио.

Во Јапонија има повеќе од 8.000 заразени со Ковид-19 и 166 починати.

Треба да знаете
Последни објави