Грција ситуацијата со коронавирусот ја држи во рамките на почетното сценарио

Тесно ги следиме случувањата со коронавирусот, а во овој момент, во позиција сме да кажеме дека процените и за случаите, а за оптовареноста на здравствениот систем, особено за луѓето што се на Одделите за интензивна нега или приклучени на апарати, се развиваат врз основа на почетното сценарио, рече портпаролот на грчката влада, Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Пецас истакна дека политиката на владата во однос на ситуацијата со коронавирусот, од ден на ден се развива во три основни оски: запирање на ширењето на вирусот, зајакнување на здравствениот систем и поддршка за компаниите и вработените погодени од кризата.

-Пред два месеци националниот здравствен систем имаше 565 легла на Одделот за интензивна нега, без да има достапност за можни случаи на Ковид-19. Сега, вкупниот број е 813, од кои 695 државни и 118 приватни. Леглата за обично лекување на пациенти со коронавирусот до денес е 2158, објасни Пецас и додаде дека веќе започнале со работа дополнителни 279 лекари и 1077 болничари, а се одобрени вкупно 3285 нови вработувања.

Портпаролот на грчката влада се осврна и на одѕивот на граѓаните за ново започнатата програма за волонтери на Министерството за здравство на Грција, а до сега се регистрирале 8785 лекари, болничари, помошен медицински персонал и луѓе кои можат да му помогнат на здравствениот систем.

Во однос на финансиската поддршка на компаниите и вработените, Пецас потсети дека веќе се соопштени три пакет мерки во висина од шест милијарди евра за март и април кои се однесуваат на околу 600 000 бизниси и 1,2 вработени

-Буџетскиот трошок изнесува 4.7 милијарди евра, износ што е еднаков на 2,5 отсто од БДП, односно повисоко од просечниот европски просек. Очигледно, ситуацијата во реалната економија е влошена и продолжува да се влошува. Затоа, секојдневно ја оценуваме состојбата, објасни портпаролот на грчката влада.

Одговарајќи на новинарско прашање за околу 200 Грци кои што се заглавени на аеродромот во Лондон, Пецас коментираше дека е целосно неприфатлива настаната ситуација, но одговорноста е исклучиво на авиокомпанијата.

Паралелно, истакна дека репатријацијата,отсега па натаму, ќе биде само за исклучителни случаи.

Портпаролот на грчката влада, Стелиос Пецас, денеска одново го водеше брифингот со новинарите и странските дописници, по 14-дневната домашна изолација, откако неговата сопруга беше заразена со коронавируост. Неговиот тест пак, беше негативен.

Треба да знаете
Последни објави