Апостолова ги повика косовските лидери на единство во време на кризата со коронавирусот

Шефицата на Канцеларијата на Европската унија во Косово Наталија Апостолова ги повика косовските политички лидери на политичко единство и консензус, со цел ефикасно справување со пандемијата на смртоносниот коронавирус, јави дописникот на МИА од Приштина.

Апостолова во интервју за порталот „Телеграфи” им порача на партиите дека благосостојбата на граѓаните треба да им биде побитна од партиските интереси.

– Ние постојано го следиме одблизу развојот на настаните во Косово. Актуелната, досега невидена, ситуација со ширењето на Ковид-19 повикува на консензус, политичко единство и заеднички цели во време на криза. Политичките партии треба да се грижат пред сé за благосостојбата на граѓаните, повеќе отколку за партиските интереси, изјави Апостолова.

Пораките на шефицата на мисијата на ЕУ во Приштина доаѓаат во време на криза меѓу коалициските партнери во Владата на Косово, Движењето Самоопределување (ВВ) на премиерот Албин Курти и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) на Иса Мустафа.

Курти во средата, на 18 март, го разреши министерот за внатрешни работи и јавна администрација Агим Велиу, по што ЛДК објави дека ќе ја растури коалицијата и почна да собира потписи од пратениците во Собранието на Косово за гласање за недоверба на владата.

Мустафа денеска му порача на премиерот дека ќе се откаже од растурањето на коалицијата доколку ја повлече одлуката за разрешување на Велиу, и се извини на ЛДК заради прекршување на коалицискиот договор, и веднаш ја укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, како што упорно бараат Соединетите Американски Држави.

Треба да знаете
Последни објави