Поднесена кривична пријава против Лука Јовиќ

Српскиот репрезентативец Лука Јовиќ стана предмет на истрага на српската полиција бидејќи не ги почитуваше правилата за самоизолација од 14 дена кога од Мадрид пристигна во Белград.

Шпанија заедно со Италија се двете најпогодени европски земји од коронавирусот, но и тоа не му пречеше на Лука Јовиќ да шета по улиците на Белград и да оди на забави.

Имено тој побарал од челниците на Реал Мадрид да го пуштат во Белград за да присуствува на роденденот на својата девојка, Софија Милошевиќ.

 

Ова негово однесување го навлече бесот на премиерката Ана Брнабиќ која вчера изјави дека истражните органи ќе се позанимаваат со случајот на Лука Јовиќ.

,,Видовте примери на наши фудбалери кои доаѓаат од странство каде имаат милионски договори, како не ги почитуваат правилата за самоизолација и тоа е нешто со што ќе се позанимаваат нашите надлежни органи”– изјави Брнабиќ.

Српската полиција веднаш покрена истрага и започна да го истражува движењето на Јовиќ за време на неговиот престој во Белград, за да утврди со кого се гледал и да се утврдат потенцијалните ризици за ширење на пандемијата на коронавирус.

Српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, објави дека утринава се напишани кривични пријави за неколку спортисти, а казните се движат од една до 12 години затвор.

,,Обвинителството по консултаци со полицијата нареди да се поднесе кривична пријава против Лука Јовиќ.Со самото тоа, Лука по времето што треба да го помине во карантин ќе биде спроведен на сослушување во обвинителството.Тоа треба да биде реализирано за месец дена” – соопштуваат од српското обвинителство.

 

Треба да знаете
Последни објави