Search

Ескалираат немирите во Либан, над 150 повредени

Повеќе од 150 луѓе се повредени во денешните протести во Бејрут, во кои безбедносните сили пукале со солзавец во билизина на зградата на Парламентот и употребиле водени топови за да растераат илјадници демонстранти.

Над тој дел од градот се кренал густ облак од чад, пренесуваат светските агенции.

Немирите избиле кога некои демонстранти започнале да фрлаат со камења кон полицијата во близина на Парламентот, додека други ги кршеле сообраќајните знаци и металните бариери, фрлајќи парчиња железо кон безбедносните сили.

Некои од учесниците ги гаѓале полицајците и со петрди, пренесува АП, додека пак „Ројтерс“ соопшти дека демонстрантите биле „вооружени“ со гранки и сообраќајни знаци.

Либанскиот Црвен крст информира дека повеќе од 60 лица добиле лекарска помош, додека најмалку 40 биле пренесени во болница.

Претседателот на Либан, Мишел Аун, ги повика командантите на воените и безбедносните сили да го вратат мирот во Бејрут, по судирот со демонстрантите.

Аун повика и на заштита на мирните демонстранти, како и на јавниот и приватниот имот во главниот град, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.

Во Либан веќе три месеци се одржуваат протести против политичките елити кои владеат со земјата од крајот на граѓанската војна, од 1975 до 1990 година, при што демонстрантите ги обвинуваат политичарите за широко распространета корупција и лошо управување.

 

Треба да знаете
Последни објави