Search

Спасовски технички премиер, Царовска вицепремиер за економски прашања

Централниот и Извршниот одбор на СДСМ вечерва на одделни седници одлучија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да биде технички премиер во преодната влада од 3 јануари 2020 до формирањето на новата влада по изборите во април.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ќе биде вицепремиер за економски прашања, на местото на Кочо Анѓушев.

Изборот за технички премиер официјално го соопшти претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев по седницата на ЦО, на која и претходеше и седница на Извршниот одбор на партијата.

Избрани се и двајца дополнителни заменици министри во преодната влада: за МВР  – Славјанка Петровска, досегашен шеф на кабинетот на министерот Спасовски, а во МТСП – Санела Шкријејљ, досегашен шеф на кабинет на Царовска.

Заев рече дека одлуките за четирите кадровски решенија биле  едногласни на седниците на двата партиски одбора. 

– Имаме намера да одиме напред кон демократскиот свет и тоа е многу важно, но истовремено е важно во овие 100 дена да не застанат работите, односно да течат економските политики, да течат реформите, да продолжи да се трансформира нашето општество кое што е исто така значајно, за да не се нанесат штети како во минатото за време на избори, нагласи Заев.

Премиерот истакна дека верува оти преку сериозноста на ваквите кадровски решенија испраќаат дополнителна порака дека се сериозна политичка партија којашто сака сериозно да се посвети на периодот што претстои.

– Извршниот одбор и Централниот одбор на паријата за нов секретар за меѓународна соработка на СДСМ  го избраа Бојан Маричиќ кој  до скоро беше советник за европски прашања во мојот кабинет, тој сега е координатор за европски прашања при Владата и исто така е технички преговарач со ЕУ за одлуката која ја очекуваме за почетокот на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ, посочи Заев.

Рече и дека верува оти СДСМ дефинитивно со своите одлуки уште еднаш само ја потврдува увереноста кај огромно мнозинство граѓани дека опцијата да се избере прогресот, просперитетот, интеграцијата, пријателството, солидарноста, градењето на мултиетничкиот карактер на нашата држава сепак останува главниот фактор за определба.

 

 

Треба да знаете
Последни објави