Search

Златко Марин: Општина Аеродром ќе биде зелена оаза 

Првиот човек на општина Аеродром, Златко Марин за 24 инфо вели дека откако е на функција целосно се посветил на реализација на сите проекти кои ги најавил. Затекнал општина која била целосно затворена за граѓаните со многу диви депонии и запоставена животна средина. Приватно вели дека се труди да воспостави баланс меѓу работата и семејството. Наоѓа време за сопругата и за двата сина, но и за пријателите онолку колку што му дозволува времето.

Две години откако сте на функцијата градоначалник. Што беше планирано за овој период, а што е остварено?

Откако стапив на функцијата градоначалник на Општина Аеродром, целосно се посветив на реализација на сите проекти што ги најавив во програмата. Затекнав општина затворена за граѓаните, со уништено урбано јадро поради лошото урбанистичко планирање, запоставена инфраструктура, недостаток на детски градинки, паркинг-места, многу нерешени легализации, голем број диви депонии и запоставена животна средина.

Во текот на двегодишниот мандат успеавме да реализираме голем дел од најавените предизборни проекти преку транспарентна, чесна и посветена работа. Наш приоритет беше да создадеме чиста и одржлива средина што ќе овозможи квалитетни услови за живот за сите граѓани.

Во поглед на инфраструктурата, реконструиравме и саниравме голем број улици во Горно и Долно Лисиче, населба Лисиче, Мичурин, Стар Аеродром, Реонски центар и во други делови од Општината. Изградивме над 50 нови паркинг-места во Ново Лисиче и Мичурин, а ги реконструиравме постојните. Ја обновивме урбаната опрема на целата територија на Општината, како и осветлувањето, а за првпат поставивме сосема ново осветлување во трговскиот центар во населбата Лисиче.

Во овие две години посебно се залагавме за чист воздух и за чиста животна средина. Токму затоа и презедовме конкретни мерки што имаа позитивен ефект. За 2018 година го зголемивме буџетот за 20 пати и издвоивме 300.000 евра за таа намена. Исчистивме над 62 мини депонии, уредивме 22 локации со зеленило, организиравме и се вклучивме во многу екоакции, ангажиравме и фирма за одржување на јавната чистота, а го зголемивме и бројот на сезонските работници. Го почнавме проектот „Аеродром нека блеска. Чиста околина за секого“. Само во 2018 година засадивме 1800 дрвја, за што од буџетот издвоивме 8 милиони денари, а засадивме и 500 нови садници во соработка со Град Скопје. Поставивме прочистувач на воздух „Сити три“ пред Бисер. За сите градинки обезбедивме 83 прочистувачи на воздух. Собравме 50 кубни метри кабаст отпад во соработка со јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Издвоивме 500 илјади денари за субвенционирање домаќинства за промена кон еколошки систем за загревање.

Ги зголемивме згрижувачките капацитети во градинките. Изработивме три нови проекти за доградба на веќе постојните градинки. Доградба на „Црвенкапа“ и доградба и надградба на „Изворче“ во Стар Аеродром, како и реконструкција на објектот „Пчелка 1“ во населбата Лисиче. Изградивме сосема нов објект на градинката „Буба Мара“ во Ново Лисиче со капацитет од 200 деца. Исто така, ги олеснуваме трошоците на родителите. Веќе две години по ред доделуваме по 3.500 денари за секое прваче и 5.000 денари за секое новороденче. Како општина, посебно ги поддржуваме младите и спортот, па во тој правец обезбедивме еднократна финансиска помош за талентирани спортисти од 10 илјади денари, со што ја зголемуваме нивната мотивација за остварување на уште подобри резултати.

Каква е соработката со централната власт?

Соработката со централната власт е важна и неопходна заради навремено и целосно реализирање на проектите што се од особено значење за Аеродром и за граѓаните. Владата е наш голем поддржувач за сите капитални проекти. Исто така, имаме одлична соработка и со Град Скопје за сите проекти што ни се од заеднички интерес.

– Колку новите обврски ви оставаат простор за приватниот живот? 

Со стапувањето на градоначалничката функција, секако дека обемот на работни обврски драстично се зголеми, а со тоа и одговорноста. Се трудам да воспоставам баланс меѓу работата и семејството, со цел да не ги запоставам двете. Секогаш е потребна добра организација. Секако дека наоѓам време за семејството, за сопругата и за двата сина. Наоѓам време и за пријателите онолку колку што ми дозволува времето.

 -Што им ветувате на граѓаните за следниот период и дали ќе се кандидирате на следните избори?

И во наредниот период Општина Аеродром ќе се фокусира кон заштита на животната средина и ќе презема мерки за намалување на аерозагадувањето. Предвидовме субвенции за печки на пелети, за чистење оџаци, велосипеди и инвертер-клими, набавка на мерачи за испитување на квалитетот на воздухот, проект за собирање отпад. Планирана е и набавка на прочистувачи на воздух во основните училишта за училниците во кои се одвива целодневна настава. Имаме проект за подигнување нови површини со зеленило преку изградба на 4 нови парка, три во Стар Аеродром, а еден на булевар „Трета македонска бригада“, како и реконструкција на два постојни. Ќе продолжиме и со натамошно садење на нови високостеблести дрвја. Една од главните цели ќе биде подобрување на условите во образованието, зголемување на грижата за младите и за ранливите категории. Во таа насока, во две основни училишта е планирана изградба на лифтови за деца со посебни потреби, а во неколку училишта ќе се постават и пристапни рампи. Конечно, ќе го решиме деценискиот проблем во ОУ „Лазо Ангеловски“ со немањето простор и учењето на децата во три смени. Имено, проектот за доградба на четири училници е во завршна фаза и наскоро ќе почне неговата реализација. Ќе продолжиме исто така и со доделување парични награди за најдобрите ученици и спортисти. На нашата територија ќе се гради мултифункционален спортски и културен центар „Дом на спортовите“, со поддршка на Владата и Олимписки комитет, во чии рамки ќе бидат олимписки дом, базен, отворени игралишта и фитнес-зона. Значи, во иднина наша цел е да создадеме современа, развиена европска општина со висок стандард на урбано живеење во сите нејзини делови и со висок степен на безбедност на граѓаните. Што се однесува до мојата наредна кандидатура, сметам дека е сè уште рано да се размислува за тоа. Фокусиран сум на реализација на проектите што ги ветив во предизборната програма. Пред мене претстои период во кој активно ќе работам на приближување и усовршување на услугите на граѓаните.

Валентина Ангеловска

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави