Search

Христовски: Тоше Проески конечно ќе го добие вечното почивалиште

Соработката со централната власт е одлична и тоа е илустрирано преку еден од најважните проекти – изградба на вечно почивалиште на Тоше Проески- вели за 24 инфо Томе Христовски, градоначалник на општина Крушево. Според него ветувањето го дал самиот премиер во Крушево и Владата веќе нашла средства и модел за да им овозможи да отпочнат со изградба на објектот.

Две години откако сте на функцијата градоначалник. Што беше планирано за овој период, а што е остварено?

Она што во 2017 година го ветивме во најголемиот дел се остварува, но она што е уште поважно е дека многу ветувања се надминаа и се реализираат големи зафати и проекти надвор од предизборната програма кои дојдоа како барања на граѓаните, анализа во самата општина и на состојбите на територија на општината. Отвореноста кон граѓаните ни овозможи да дознаеме што дополнително им треба и кои се нивните размислувања за решавање на клучните проблеми. Деновиве започнавме со изградба на пат од спортските игралишта на „Гумење“ кон Крушевско езеро со што ќе се уреди овој простор кој е еден од најпопуларните туристички места и води до викенд зоната, проект кој не беше ветен, но изнајдовме средства и начин затоа што е од суштинско значење. Исто така, започна реконструкцијата на локалниот пат кој води до влезот на с. Саждево кој исто така не беше ветен, но заради потребите на граѓаните и соработката со владата го реализираме овој зафат со асфалтирање на патот и овозможување на подобро секојдневно функционирање на тамошните жители. Во однос на она што го ветивме веќе привршуваат реконструкцијата на спортската сала во Крушево, реконструкцијата на горната училишна зграда, изградба на резервоар за вода во с. Борино, инфраструктурно средување и проширување на индустриската зона, реконструиравме околу 20 улици до сега во Крушево и во населените места Св. Митрани, Норов, Алданци, Саждево, Јакреново, ги опремивме службите како јавното комунално претпријатие „Комуна“, Противпожарната единца, самата локална самоуправа и што е најважно можеби ја отворивме општината и секојдневно добиваме признанија за транспарентноста и отчетноста кон граѓаните.

Го уредивме постоечко полетувалиште за параглајдинг и работиме на неколку нови полетувалишта, изработивме проекти за поголемите улици во градот, за обиколницата, реконструиравме пат до селото Пуста Река, во тек е изградбата на цевковод во Саждево, канализација во с. Норово, делумно го реконструиравме уличното осветление, ги саниравме училиштата во населените места и друго и активно работиме на промоција на нашиот град. Дополнително, набавивме нов трактор со соларка и плуг за снег, нов камиот за собирање отпад и два ровокопачи со што ги подобруваме услугите кон граѓаните.
Каква е соработката со централната власт?

Соработката со централната власт е одлична и тоа е илустрирано преку еден од најважните проекти – изградба на вечно почивалиште на Тоше Проески ветување кое самиот премиер го даде во Крушево. Владата изнајде средства и модел за да ни овозможи да отпочнеме со изградба на објектот. Работиме на многу проекти преку Министерството за транспорт и врски, Животна средина, Локална самоуправа, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Агенцијата финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Пелагонискиот регион и други што сами по себе овозможија реализација на низа проекти. Сето ова зборува за соработката која ја имаме со нашата влада.
Колку новите обврски ви оставаат простор за приватниот живот?

Обврски се големи секој ден, тоа не го кријам, но колку што можам одделувам време за сопругата и двете деца тоа го правам затоа што тоа е веројатно најважниот дел од сечиј живот – семејството, домот и љубовта.


Што им ветувате на граѓаните за следниот период и дали ќе се кандидирате на следните избори?

На граѓаните им ветувам уште многу работа, Односно исполнување на ветеното, а во однос на идна кандидатура за тоа ќе одлучат граѓаните на општина Крушево. Имаме уште две години пред нас во кои можеме и верувам дека ќе оствариме многу и тоа во моментов мој приоритет.

Валентина Ангеловска

Треба да знаете
Последни објави