Search

Богдановиќ: Како градоначалник немам многу слободно време, но секогаш наоѓам време за КК„Работнички“

Првиот човек на општина Центар, Саша Богдановиќ за 24 инфо вели дека за две години изградиле и обновиле детски игралишта, го реновирле и паркот Ибни Пајко кај Македонската Филхармонија. Направиле и нов велосипедски таканаречен „памп трак“ во паркот пред Олимпискиот Базен. Но сепак врвно достигнување е изградбата на училиште „Киро Глигоров“. Ова е проект кој го наследил од Андреј Жерновски, во фаза кога училиштето било само на темели, а опструкциите на тогашната власт во однос на статусот на земјиштето на кое се наоѓа биле многу големи. Градоначалничката работа вели дека не остава многу простор за приватен живот, особено кога се работи за централната општина на главниот град. Но наоѓа време за неговиот омилен клуб кошаркарски клуб, „Работнички“, чиј фан и поддржувач е со години.

 

-Две години откако сте на функцијата градоначалник. Што беше планирано за овој период, а што е остварено?

Би кажал дека за овие две години направивме многу и со исто темпо ќе продолжиме и во наредниот период. Знаете, доаѓањето на функционерското место е предизвик, не знаеш што наследуваш, а граѓаните имаат големи очекувања.  Така и треба да биде, јас немам двоумење во врска со тоа, тие се оние кои ја даваат довербата. Знам дека од мене жителите на Центар очекуваат многу и јас се стремам да ги исполнам нивните очекувања и во најголема мера, да се држам до тоа што сум го ветил. За овие две години од мојот мандат во општината би дал предност на капиталниот проект кој е од исклучителна важност за граѓаните, особено за жителите на Капиштец, новото училиште „Киро Глигоров“. Ова е проект кој го наследив од мојот претходник, Андреј Жерновски, во фаза кога училиштето беше само на темели, а опструкциите на тогашната власт во однос на статусот на земјиштето на кое се наоѓа беа многу големи.

Јас сум горд што и покрај тоа што се работеше за капитален проект, гледано од секој аспект, успеавме за само три години да ја завршиме започнатата градба и да го отвориме училиштето за првата генерација ученици. Ова училиште е прво изградено по цели 50 години на територија на Центар, па токму заради тоа, уште на почетокот на мојот мандат беше на врвот на моите приоритети. За училиштето многу се зборуваше во изминатиот период, па тука не би должел, освен што уште еднаш би кажал дека со „Киро Глигоров“ поставивме нови страндарди од кои јас во иднина нема да отстапувам, дури и кога се работи за реконструкции на постоечки објекти.

Откако седнав на градоначалничкото столче, си поставив за цел дека ќе ставам крај на урбаниот хаос и дека јас и мојот тим ќе ги исправиме грешките во Деталните Урбанистички Планови кои ги наследивме заедно со сите недостатоци и отстапувања од стандардите. Мораториумот на градби и ревизијата на ДУП-овите беше единствен начин да се направи тоа. И денеска, после 2 години, а и по многу години од денес, на Мораториумот ќе гледам како на успешен проект. Де факто, резултатите ќе бидат видливи за неколку години, откако ќе почнат да се спроведуваат новите ДУП-ови, во кои за прв пат го применуваме Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Законот за урбано зеленило. Тоа за идните станари ќе значи, соодветно оддалечени градежни парцели, односно  повеќе светлина и подобра циркулација на воздух, обезбеден паркинг и зеленило во склоп на парцела бидејќи ги обврзуваме инвеститорите на паркинг место за секој станар и најмалку 20 проценти зеленило во рамки на градежната парцела. Во однос на инфраструктурните проекти, сумирано би кажал дека постојано работиме на реконструкции и санации на улици. Станува збор за сериозни проекти. Тука не зборувам само за асфалтирања, туку и за замена на со децении стара, фекална, атмосферска и водоводна мрежа, а во некои населби каде жителите и покрај тоа што е 21-ви век и се уште користеле септички јами, за прв пат поставуваме фекална и атмосферска канализација. Паралелно работиме и на реновирања на градинки и основни училишта во општината, односно создаваме подобри услови во објектите во кои престојуваат нашите деца. Тука би го споменал и ООУ „Гоце Делчев“, каде направивме доградба на постоечкиот објект со што се доби повеќе од 500 метри квадратни простор во кои се изведени 8 нови училници. Ја заменивме фасадата на  ООУ „Димитар Миладинов“ со енергетски ефикасна, ги реновиравме кровот и фасадната столарија, а наскоро во ова училиште почнуваме со обнова на спортската сала.  Изградивме и обновивме детски игралишта како она во Градски ѕид, а во соработка со Град Скопје го реновиравме и паркот Ибни Пајко, кај Македонската Филхармонија и го направивме новиот велосипедски таканаречен „памп трак“, во паркот пред Олимпискиот Базен. Можеби ќе испуштам некој значаен проект кој сме го реализирале, но нам ни претстои уште многу работа и ние мора да се фокусираме на тоа.

– Каква е соработката со централната власт?

Знаете како, општините мора да имаат одржлив систем на финасирање но секоја финансиска инекција е повеќе од добредојдена, затоа што тоа значи повеќе и поквалитетни проекти во интерес на граѓаните. Еве еден конкретен пример, Општина Центар неодамна преку Програмата на Владата за намалување на загадувањето на воздухот за 2019-та година доби 4 милиони денари, пари кои ќе бидат наменети за справување со аерозагаденоста.  Средствата од Владата се наменети за набавка на горилници на плин (гас), инвертер клими, еко системи и топлински пумпи за детските градинки и основните училишта на територија на Општина Центар. Исто така, преку апликациите и добиените средства од програмите на владата сме реализирале и бројни инфраструктурни проекти.

– Колку новите обврски ви оставаат простор за приватниот живот?

Градоначалничката работа не остава многу простор за приватен живот, особено кога се работи за централната општина на главниот град. Функцијата, активностите и обврските се главните причини зошто тоа е така. Но и покрај сѐ, секогаш кога имам можност, издвојувам време за дружење со пријателите и да се видам со семејството. Вљубеник сум во спортот и редовно следам спортски натпревари, а собено кога се работи за мојот омилен кошаркарски клуб, „Работнички“, чиј фан и поддржувач сум со години. Нив ги следам во чекор и се радувам на секој нивни успех.

Што им ветувате на граѓаните за следниот период и дали ќе се кандидирате на следните избори?

За мене и нас како општина активностите не застануваат. Ние континуирано работиме на решавање на инфраструктурните проблеми и имплементација на нови и подобрени решенија. Тука мислам на  пробивање на нови улици, каков што е примерот со „Козара“ во Капиштец каде правиме и изведба на три нови крака со што значително ќе се намали сообраќајниот хаос и ќе се зголеми безбедноста. Во таа насока е и проектот за „Орце Николов“ кој ќе започне до крајот на годинава, кружен тек и изведба на велосипедски и пешачки патеки. Потоа, новото сообраќајно решение за Дебар Маало, монтажната гаража зад општината и низа други вакви и слични проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните во заедницата.

Во следниот период ќе се работи на нов парк во Капиштец, во делот кој се наоѓа кај ТЦ „Зебра“. Просторот таму ќе се уредува хортикултурно, ќе се постави нова урбана опрема и ново улично осветлување. Ние планираме и изградба на нови градинки во населбите Пролет, Дебар Маало и Маџир Маало по донесување на новите ДУП-ови.

Мој и приоритет на општината е со нашите активности и со нашата работа да го направиме Центар поубаво место за сите. И за оние кои се  жителите на општината, но и за оние кои секојдневно транзитираат, работат и ја посетуваат Општина Центар.

Одлуката за моја евентуална кандидатура на следните избори ќе ја донесам пред истекот на овој мандат, односно кога ќе сумираме сѐ она што сме го направиле, затоа што сепак на крајот, последниот збор го имаат граѓаните.

Валентина Ангеловска

Фото: Слободан Ѓуриќ

 

Треба да знаете
Последни објави