Хју Грант го нападна британскиот премиер, нарекувајќи го гумена патка

Популарниот британски актер Хју Грант остро го критикуваше па дури и го навреди британскиот премиер Борис Џонсон, поради неговата одлука да го суспендира британскиот парламент.

Актерот на „Твитер“ не штедеше зборови кога го критикуваше Џонсон, кој го нарече „прекумерно промовирана гумена патка за капење“.

„Нема да се зафркаваш ти со иднината на моите деца. Нема да ја уништиш слободата за која мојот дедо се бореше и која ја бранеше во двете светски војни. Одј**и ти прекумерно промовирана гумена патка за капење. Британија е револтирана поради тебе и твојата мала банда на мастурбирачки функционери“, напишал Грант на „Твитер“.

Твитор на актерот предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.

„Хју Грант. Најдобриот премиер кој никогаш не сме го имале“, прокоментирал еден корисник на „Твитер“.

Покрај големиот број позитивни коментари, имаше и негативни реакции. Еден корисник напишал дека неговите предци се бореле во војните, но не за Европа која ја раководи мафија со седиште во Брисел.

Британската кралица Елизабета Втора во средата го одобри планот на Џонсон да ја суспендира работата на парламентот на месец дена, со што на пратениците им го скрати времето за да го блокираат брегзит без договор.

Критичарите и опозицијата тоа го гледаат како противуставен потег и обид за државен удар.

Треба да знаете
Последни објави