Могерини: Поддршката на членките за проширувањето на ЕУ е засилена

Шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, порача дека на денешниот неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ забележала посилна поддршка и одлучност за проширувањето кон Западниот Балкан. Говорејќи на прес конференцијата по министерскиот состанок, Могерини истакна дека за прв пат дискусијата за проширувањето се водела не само од перспектива на земјите кандидати, туку од перспективата на самите земји членки.

-Денеска видов уште посилна поддршка, посилна одлучност и свет за важноста ЕУ да биде конзистентна во наредните чекори во процесот на проширување, обично ова го земаме од гледна точка на земјите аспиранти, но забораваме колку е важно за нас да се обедини повторно континентот, изјави Могерини.

Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ истакна дека интегрирањето на земјите од регионот претставува интерес за Унијата од економски, политички, безбедносен и миграциски аспект, меѓу другото.

-Но, исто така не треба да заборавиме дека ова е најверојатно единствениот регион каде пристапниот процес има длабока вредност на градење мир и помирување, овие земји војуваа до пред дваесет години и само перспективата да се биде заедно во истото семејство може да ги поттикне економски, политички, институционално да се справат со тешката историја и да гледаат кон иднината, додаде шефицата на европската дипломатија.

Таа потсети дека Балканот е единствениот регион каде поддршката за ЕУ достигнува повеќе од 70 отсто и дека таа енергија и е потребна на Европската Унија.

Могерини не сакаше да даде повеќе детали за дискусиите и за кои следни чекори се разговарало, особено со оглед на тоа дека Македонија е во исчекување на датум за преговори во октомври, заедно со Албанија. Могерини, меѓутоа, призна дека министрите имале “широка” дискусија за овие две земји.

Станало збор и за дијалогот помеѓу Србија и Косово, кои Могерини уште еднаш ги повика да ги продолжат преговорите.

-Генералното чувство е дека ако ЕУ е конзистентна за политиката на проширување, нема причина за загриженост дека друг играч би можел да одигра улога, додаде Могерини.

Финскиот министер за надворешни работи, чија земја претседава со ЕУ до 31 декември годинава, порача дека Хелсинки го поддржува проширувањето и предупреди дека доколку ЕУ остави вакуум во регионот, други ќе го пополнат. 

Треба да знаете
Последни објави