Кан: Судир меѓу Индија и Пакистан би влијаел на цел свет

Пакистанскиот премиер Имран Кан изјави денеска дека ја предупредил меѓународната заедница оти Индија би можела да изврши напад во Кашмир, на кој и Пакистан има право, нагласувајќи дека евентуален судир меѓу двата нуклеарни соседа би имал негативни последици врз целиот свет.

Обраќајќи се на собир во Исламабад, кој се одржува во знак на солидарност со индиски Кашмир, сојузна држава со мнозинско муслиманско население, Кан го нарече индискиот премиер Нарендра Моди „фашист” и го спореди со Адолф Хитлер.

Тој додаде дека стравува од „геноцид врз муслиманите во Кашмир” и нагласи дека Пакистан соодветно ќе и одговори на Владата на премиерот Моди доколку Кашмир биде нападнат.

Пакистанскиот премиер предупреди дека каков било судир меѓу Пакистан и Индија нема да биде ограничен на регионот на јужна Азија.

– Цел свет би бил погоден, истакна Кан, додавајќи дека планира да укаже на тоа прашање при обраќањето во Генералното собрание на ОН следниот месец.

Индија вчера соопшти дека Пакистан се обидува да уфрли терористи во земјата. Портпарол на пакистанската војска ги отфрли таквите тврдења, нагласувајќи дека „Пакистан е одговорна држава”.

Низ улиците на речиси сите градови и села во пакистан, како и во пакистанскиот дел на Кашмир, денеска се одржани собири во знак на солидарност со граѓаните на Кашмир кои живеат во делот на територијата под индиска контрола.

Треба да знаете
Последни објави