Search

ЗНМ и СЕММ со осуда за непримерниот наслов на ТВ Алфа

Здружението на новинарите на Македонија се приклучува на осудата на Советот за етика во медиумите на Македонија за насловот кој беше објавен на ТВ Алфа. Имено, денешниот наслов во информативниот појас на ТВ Алфа „Зошто Владата на Заев се однесува “педерски” кон Србија” го сметаме за недолично, сензационалистичко и манипулативно информирање од страна на еден медиум, што е во спротивност со стандардите содржани во Кодексот на новинари на Македонија. Станува збор за класичен пример на непримерна комуникација со јавноста, а користењето вакви „етикети” е спротивно на заложбите за ослободување на јавниот дискурс од хомофобични и дискриминаторни изјави кон ЛГБТИ заедницата.

Новинарите и медиумите мора да ја негуваат културата на говорот и етиката, а со користењето пејоративни зборови, дури и на симболичен начин, се продолжува со праксата на генерирање антипатија кон одредени групи во општеството и нивно погрешно сместување во негативен контекст.

Поради тоа ќе поднесеме претставка до Агенцијата за аудио и аудивизуелни медиумски услуги, која е надлежна за надгледување на работата на радиодифузерите. Традиционалните медиуми имаат поголема одговорност во насока на квалитетно информирање на јавноста, што го исклучува служењето со манипулации и недоличен говор.

Треба да знаете
Последни објави