Сенатот одби да го разгледа „Новиот зелен курс” на демократите

Американскиот Сенат се откажа од разгледување на „Новиот зелен курс”, амбициозен план на демократите за напуштање на фосилните горива и нивна замена со обновливи извори на енергија.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, против разгледување на оваа иницијатива гласаа 57 сенатори, додека 43-ца демократи кога нивните имиња беа прозвани се изјаснија со „присуствувам”, со што на тој начин изразија протест, сметајќи дека гласањето било „трик” на републиканците.

Лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот, Мич Меконел, предвремено го свика гласањето без да се одржи исцрпна дебата за последиците од глобалното затоплување, како што бараа демократите, за прашањето да се тргне од дневен ред.

Според републиканците, оваа иницијатива е „радикална и елитистичка со социјалистичка трансформација на економијата на САД”. Тие сметаат дека реализацијата на овој предлог-план ќе ја чини земјата милиони работни места и ќе придонесе кон поскапи енергенси.

„Новит зелен курс” е предложен од Александрија Окасио-Koртез, членка на Претставничкиот дом од Њујорк, демократска политичка ѕвезда во подем, и Ед Марки, сенаторот од Масачусетс.

Суштината на оваа резолуција, која во една или друга форма ја поддржуваат сите претседателски кандидати од Демократската партија, е САД во текот на следните десет години да ја пренасочат својата економија од  употреба на нафта, природен гас и јаглен кон обновливи извори на енергија како ветер и сонце.

Главната идеја зад овој предлог е борба против глобалното затоплување и климатските промени, но и суштински исчекор во економијата и ефикасна употреба на енергијата, со што САД во 21-от век би станале глобален технолошки лидер во примената на чиста обновлива енергија.

Од моментот кога “Новиот зелен курс” беше најавен во февруари, републиканците се обидуваат да го омаловажат без да дадат свое решение за климатските промени, додека демократите ги обвинуваат за ширење на дезинформации.

Окасио-Кортез неодамна подготви резолуција за усвојување на оваа иницијатива од страна на Претставничкиот дом.

Треба да знаете
Последни објави