СДСМ наместо живот, им донесе беда на македонските граѓани, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека во земјава во континуитет се зголемува сиромаштијата.
„Преку 500.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата додека функционерите од власта секојдневно се богатат со нови грантови и тендери.
Откако е СДСМ на власт трошоците за живот постојано растат. Индексот на трошоците за живот во 2018 наспроти 2017 е пораснат за 1,5%, а индексот на цените на мало пораснат е за 2,7% .
Економијата е закована на дното. За прв државниот долг ја надмина психолошката граница од над 5 милијарди евра, додека пак државниот долг порасна над 4 милијарди евра. ММФ оцени дека растот на БДП во 2018 година ќе биде 2%, што е многу далеку од ветените 5%“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека наместо да растат платите на граѓаните, растат платите на вицепремиерите, растат даноците, растат државниот и јавниот долг, а расте и корупцијата.
„Власта ја закова Македонија на 93 место на листата на Транспаренси Интернешнл на индексот за корупција, во друштво на Гамбија, Косово, Монголија и Панама.
СДСМ ги урниса институциите во земјава, судството и обвинителството работат по партиска нарачка, здравството е во колапс, образованието во тотален хаос и целото општество е поделено.
Власта со насилното и неуставно носење на Законот за јазици ја поларизира државата и ги подели граѓаните како никогаш досега. Понижувањата кои ги нанесоа Заев и СДСМ резултираа со капитулантскиот договор со Грција кој насилнички го изгласаа и спротивно на волјата на граѓаните го менуваат Уставот и уставното име на Република Македонија“, се додава во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ повтроно преку соопштение повикаа на предвремени парламентарни избори, за, како што посочија да се стави крај на црнилата и конечно граѓаните и Република Македонија да почнат да напредуваат.