Search

Венко Филипче: Отворање 3.200 нови работни места во јавното здравство

Нашите пациенти до изградбата на новиот Клинички центар заслужуваат да се третираат во достоинствени услови и токму во таа насока се и сите наши активности. Локацијата за новиот универзитетски клинички центар треба да биде транспортно пристапна и лесно достапна за граѓаните, економски оправдана, пријателски настроена кон животната околина и по можност досега не користена за претходен урбан развој и на тој начин ќе претставува простор соодветен за здравствен развој. Се очекува и финална опсервација од Владата на Република Македонија- вели за 24 инфо Министерот за здравство Венко Филипче.

-Почна школската година, а со тоа се отвори и можноста за брзо ширење на епидемијата со морбили. Како ќе се одвива теренската вакцинација, дали ќе се оди по училишта и градинки и како ќе се вакцинираат децата без знаење на родителите?
Комисијата за заразни болести постојано ја следи состојбата на терен со заболени од мали сипаници. Одлука на Комисијата е дека во моментов нема потреба тимовите за имунизација да одат по училиштата, бидејќи засега со морбили нема заразено дете на училишна возраст, а не се вакцинирани само околу 5 отсто од учениците, главно деца од прво одделение. За таа цел,е донесена одлука службите за имунизација на невакцинираните децат да им испраќаат покани на домашна адреса за да дојдат во пунктовите и да го имунизираат своето дете. Инаку останува на сила мерката во градинките да не се примаат невакцинирани деца.
Што со дете ако родителот сепак реши да не го вакцинира, ќе се исклучи ли од образовниот процес иако е задолжителен?


Треба да се има во предвид дека невакцинирањето носи сериозни ризици од појава на епидемија, која може да има и фатални последици, а се превенира со вакцинација. За таа цел, веќе се одржани повеќе средби на работната група, во која учествуваат и претставници од Министерството за труд и социјална политика, од Министерството за образование и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Се разгледуваат правните аспекти и законски одредби за вакцинација како задолжителен услов за запишување во градинка и училиште, бидејќи со севкупниот пад на опфатот на имунизација се доведува во прашање намалувањето на колективниот имунитет, што е единствен услов за успешна превенција на инфективните болести. На тој начин и вакцинираните деца се доведени во опасност. Значи целта е преку мултидисциплинарен пристап со останатите надлежни институции да најдеме начин за долгорочно решение на овој проблем, бидејќи не смееме да дозволиме и понатаму да се намалува процентот на имунизирани. Потсетуваме дека малите сипаници може да дадат тешка клиничка слика, како воспаление на белите дробови, воспаление на мозок, тешка дијареа и во одредени случаи и смрт, а вакцината е единствената безбедна и ефикасна мерка за спречување на епидемијата и заштита на децата од можните сериозни компликации на малите сипаници.
Постои ли можност дел од децата да имаат примено вакцина против морбили со поминат рок?
Уште еднаш сакам да потенцирам дека не се најдени вакцини со изминат рок, односно дека е најден само мал процент на вакцини со погрешно залепени декларации. Станува збор за декларации на кои има постар датум од она што е вистински рок, кој е наведен и на кутијата и на самата вакцина. Многу сериозно беше пристапено кон решавање на ова прашање. Вакцините се веќе проверени од инспектори, дадена е дозвола за дистрибуција, како и дозвола од Агенцијата за лекови. Исто така, од фирмата-производител е констатирано дека лекот не е фалсификат, се работи за техничка грешка и дека станува збор за квалитетна и добра вакцина.
– Во државава постојано има антивакцинални кампањи, но и покрај тоа што се невакцинирани има се повеќе деца со одреден спектар на аутизам. На што се должи ова?

Во повеќе наврати сум кажал, ќе повторам повторно – тврдам и стојам на тоа дека вакцините се квалитетни од европски производител со сите потребни сертификати и се користат во земјите на ЕУ. Во моментов распишавме тендерска постапка за набавка на вакцини затоа што ние сега имаме програма во Министерството за здравство за имунизација на населението. Наша законска основа е да набавуваме вакцини за целото население во земјава. Гарантиран е квалитетот, а во однос на реакциите тие се опишани во упаството и во книгите, меѓутоа тоа што ги плаши родителите е аутизмот. Има огромен број на студии што ја исклучуваат поврзаноста на оваа вакцина со аутизмот. За да вие публикувате некоја студија во еминентни списанија за медицината тоа е сериозна работа. Доказите се сериозно издржани. Медицината е сериозна наука, егзактна и се темели на медицински факти. Инаку, аутизмот е јавноздравствен проблем кој се повеќе станува актуелен и потребно е истражувањата да се насочат на причините за настанувањето. Согласно податоци од светски научни трудови на оваа тема – резултатите од пет студии, во кои биле вклучени 1.256.407 деца, и пет студии на случај во кои биле вклучени 9.920 деца, покажале дека нема поврзаност помеѓу вакцинaта МРП и аутизмот.
– Здравството кубури со кадри. Се затвори ургентниот центар на Детска клиника. Каде е најкритично на клиниките и кои кадри недостигаат?
Токму како резултат на лоцирање на овој реален проблем – она што изминатиот период направивме на план на зајакнување на кадарот е отворање 3.200 нови работни места во јавното здравство. Затоа што еден од проблемите во јавното здравство беше и недостигот на доктори од повеќе специјалности како  и медицински сестри, и медицински персонал. Покрај фактот дека државата се соочува со недостиг на медицински кадар,  голем проблем претставува и недостигот на ментори за одредени специјалности се размислува за повеќе модели, меѓу другото и за тоа како да се задржат постарите доктори на работа, за да ги едуцираат нивните помлади колеги.
-До каде е тендерот со реагенси? Нема реагенси на клиниките, а пациентите се препраќаат во приватните лабаратории? До кога вака?
Во изминатиот период Министерството за здравство спроведе низа активности за координација со стручните здруженија, професионални и странски компании кои работат во оваа сфера, со цел што е можно поуспешно да ја спроведеме постапката за јавна набавка, а воедно да ја постигнеме главната цел – да овозможиме многу поквалитетен лабораториски систем за сите пациенти низ државата. Планираме да спроведеме постапка која ќе биде делива, ќе има повеќе лотови и ќе биде отворена за компетитивност, односно ќе овозможи да учествуваат повеќе економски оператори. Во рамки на таа постапка, предвидено е да има лот за лис систем-компјутерски систем, кој ќе го следи трошењето на реагенсите, како и вкупната количина на резерва со која располагаат јавните здравствени установи, а врз основа на тоа ќе имаме комплетен увид во потрошувачката и во буџетите кои сега се трошат во сите јавни здравствени установи. Исто така, предвидено е со оваа набавка да добиеме бесплатни апарати и сервис, за што сега се троши дополнителна сума од буџетот, така што во иднина би оствариле и значителна заштеда на средства во буџетот.
– Најавивте централизација на Лабараториите. Што ќе значи ова за граѓаните и до каде е цел процес?

Целта е да воспоставиме нов систем на централизација на лабораториите, на ниво на град. Пациентите се уште ќе вадат крв на истите места како досега, но таа ќе се транспортира до главната болница на соодветен начин и согласно критериумите на Европското здружение на биохемичари. Во рамки на процесот, ќе ги имплементираме апсолутно сите сугестии на второстепената комисија за јавни набавки.  Министерството за здравство е максимално инклузивно, така што сите засегнати страни ќе може во континуитет да го следат овој процес и заеднички да овозможиме подигнување на квалитетот на лабораториските услуги. Воедно, целта е значајно да ги намалиме трошоците. На сума од 35 милиони евра за 3 години ќе заштедиме околу 5 до 6 милиони евра, а притоа тие средства ќе ги инвестираме назад во здравствениот систем, односно во платите на здравствените работници, во подобрување на опремата и инфраструктурата во јавното здравство.
– Се кубури со термини во „мој термин“. За мамаографија се чека по два месеци. Ќе има ли модернизација на системот?
На Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија на годишно ниво болнички се третираат околу 900-950 жени со дијагноза рак на дојка. Термини за потребната терапија за пациентките се закажуваат веднаш, односно нема време на чекање. За третман на пациентките со рак на дојка континуирано и навремено се обезбедуваат потребните лекови, а минатата година воведовме и два нови лека (имунотерапија) со кои се постигнати стандардите на западните земји за третман на рак на дојка. Со цел рано откривање на ова заболување, Министерството за здравство спроведува бесплатен мамографски скрининг за жени од 50 до 69 години, кои се навидум здрави (асимптоматстски). Термини за бесплатен мамографски скрининг може да се закажат за максимум 7 дена. Според податоците од системот МојТермин, во јавните здравствени установи низ државата има 29 мамографи, а на седница на Владата беше одобрена набавка на нови мамографи во вкупна вредност од 85 милиони денари, со кои дополнително ќе ја зајакнеме и унапредиме оваа дијагностика.

Валентина Ангеловска

Треба да знаете
Последни објави