Search

Шутерско шоу на Клеј Томпсон, Голден Стејт пресилен за Лејкерс

Третпат оваа сезона, а 13. во кариерата, Клеј Томпсон беше со плус 40 поени, уфрли 44 и го предводеше Голден Стејт до победата над Лос Анџелес Лејкерс од 130-111.

Томпсон во одличното издание уфрли и 10 тројки и ова му беше петти натпревар со двоцифрен број погодени удари за три што го прави вториот најуспешен во лигата по овој параметар, пред него е само соиграчот, Стеф Кари кој има 12 натпревари со 10 или повеќе погодени удари за три поени.

Поради суперрасположениот Томпсон, останатите ѕвезди на шампионот не мораа многу да се мачат, па Кевин Дурант постигна 20 поени, Стеф Кари застана на 11 поени, но имаше 12 асистенции.

Кај Лејкерс кои и натаму се без Леброн Џејмс, а дополнително се повреди и Лонзо Бол, прв стрелец беше Ивица Зубац со 18 поени, Брендон Инграм имаше 17, а Кајл Кузма 16 поени.

Со триумфот, Голден Стејт се зацврсти на лидерската позиција во Западната конференција со биланс од 33 победи и 14 порази, додека Лејкерс со ефект од 25/23 останаа на деветтото место на табелата на Запад.

Возбудливо беше и во мечот меѓу Филаделфија и Хјустон. Сиксерси ги демолираа Рокетси со 121:93, а напнато беше на релација меѓу двајцата најдобри играчи – Џоел Ембид и Џејмс Харден. Двајцата имаа неколку силни вербални пресметки, а потоа и за малку физичка пресметка во третата четвртина, кога Ембид се залета да го удвои Харден, но тоа го направи на непрописен начин.

Прво бидејќи го собори Харден на паркетот, а потоа и уште го закачи со ногата и не сакаше да се помрдне. Тоа го налути Харден. Ембид исто така ја искористи шансата да упати провокативен поглед кон Харден откако го изблокира неговиот обид за реализација по двочекор.

Ембид мечот го заврши со 32 поени и 14 скока, додека Харден уфрли 37 поени, со 25 поени во првото полувреме. Треба да се истакне дека Харден имаше неколку сериозни дуели и со Кори Бруер, кој како фластер се залепи за најдобриот играч на Хјустон и во неколку наврати дури и претера со драматизацијата во одбраната…

Кајри Ирвинг го предводеше Бостон до лесна победа над Мајами од 107:99 со 26 поени, 10 асистенции и дури осум украдени топки. Одлични улоги имаа и Џејсон Тејтум со 19, Маркус Морис со 17 и Ал Хорфорд со 16 поени и 12 скока. Кај Хитс најдобри беа резервистите. Дион Вејтерс и Дерик Џонс уфрлија по 18, а Адебајо 13 поени.

Далас маверикс загуби на гостувањето кај Милвоки бакс, кои триумфираа со 116-106 благодерение на Јанис Антетокумпо, кој постигна 31 поен и 15 скокови.

Од друга страна, Лука Дончиќ имаше добар натпревар и стигна до својот прв трипл-дабл во НБА. Фантастичниот словенечки кошаркар ја заврши средбата со 18 поени, 11 скокови и 10 асистенции.

Дончиќ така стана втор најмлад кошаркар, кој во НБА-лигата стигнал до трипл-дабл. Помлад од него беше само Маркел Фулц, кошаркарот на Филаделфија.

Словенецот стигна до неверојатниот рекорд на 19 години и 327 денови, додека на Фулц му успеа тоа додека беше помлад десетина денови.

Тие двајца се единствени кошаркари, кои како тинејџери постигнале трипл-дабл во НБА-лигата.

РЕЗУЛТАТИ:
Бостон – Мајами 107:99
Филаделфија – Хјустон 121:93
Јута – Портланд 104:109
Л.А. Лејкерс – Голден Стејт 111:130

Треба да знаете
Последни објави