Search

Кинески паметни униформи следат кога учениците доаѓаат на час и им праќаат снимки на родителите

Кинеска компанија разви училишни униформи со чипови за следење на движењето на учениците, пишува британскиот весник „Индипендент“. Тие се нарекуваат паметни униформи, меѓутоа на социјалните мрежи предизвикаа голем број критики. Според најавите, униформите ќе го регистрираат времето кога учениците одат на училиште и ќе снимаат кратки видеа кои родителите ќе можат да ги гледаат преку апликација на своите телефони.

Единаесет училишта во југоисточната провинција Гвижоу ги воведоа униформите произведени од страна на локалната технолошка компанија Guizhou Guanyu Technology.

Доколку ученикот се реши да побегне од час, тоа активира известување кое ги алармира родителите и наставниците дека детето не е во училница. Има и поригиризен режим од овој, па така доколку во одредени ситуации ученикот го напушти училиштето без дозвола, автоматски се активира гласовен аларм.

Ако ученик заспие на час, повторно се активира аларм, а преку униформата родителите ќе може да надгледуваат и што нивното дете купува додека е на училиште. Преку неа тие ќе можат и автоматски да ја лимитираат сумата која ќе дозволат да ја користи детето.

ГПС системот вграден во униформата ќе може да ги следи учениците дури и кога ќе го напуштат училиштето, се додека ја носат истата.

Меѓутоа, Јуан Бичанг, менаџер на проектот, рече дека училиштата ќе го користат следењето надвор од нивната локација само ако се случи некој од учениците да исчезне.

Бичанг за државните медиуми изјави дека учениците поредовно доаѓаат на училиште откако биле воведени новите униформи.

Сепак ова парче на училишна облека наиде на големи критики на социјалните мрежи. „Кој би сакал да го следат 24 часа на ден“, прашал еден корисник.

„Зарем децата немаат човечки права и право на приватност“, истакнал друг.

Лин Зонгву, директор на Училиштето број 11 во Ренхуаи, регион во Гвижоу, рече дека училиштето ја користи оваа технологија само повремено, иако нагласил дека истата е постојано на располагање.

Треба да знаете
Последни објави