Search

Заев: Се сомневам дека Мицкоски е вмешан во бегството на Груевски

Премиерот Зоран Заев вечерва во емисијата Отворено истакна дека врз основа на сите информации што ги има постои основа за сомневање дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е вмешан  во бегството на поранешниот премиер Никола Груевски. Бегството на Груевски било помогнато од однадвор, но со оглед на тоа што тој бил премиер долг временски период имал доволно луѓе да му помогнат и од одвнатре.

Нагласи дека Мицкоски имал средби и со премиерот на Унгарија Виктор Орбан и со премиерот на Србија, Александар Вучиќ, но по средбите не објавил за што зборувале. Нагласи дека тој не може да тврди дека на тие средби можеби се разговарало нешто за бегството на Груевски, но додаде дека врз основа на информациите со кои располага има основа за такво сомнвеање.

Не сакаше да говори за детали од истрагата за тоа каде е одговорноста за бегството на поранешниот премиер, но нагласи дека не верува оти Мицкоски ќе биде вклучен во истрагата.

Рече дека се сомневал дека Груевски ќе побегне дека имало такви индиции, бил следен и обезбедуван, но дека немало конкретни информации како сето тоа би се случило.

-Имам потреба да кажам и повеќе, ама не смеам затоа што истрагата се уште трае. Не е номално што тој побегна од државата, но ќе видиме кој е виновен, ако има некој истрагата ќе покаже и тој ќе си понесе одговорност, рече Заев.

Смета дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не е одговорен за бегството на Груевски, нагласувајќи дека ефектите од неговата работа се големи и додаде дека МВР дејствувало согласно сопствените капацитети, но сепак и на начин на кој нема да ги прекрши човековите права.

-Ќе се бориме со сите алатки да го вратиме, рече Заев и додаде дека се уште нема одговор на барањето за екстрадиција од Унгарија.

-Ќе чекаме и ќе бараме начин тоа да се спроведе, а при тоа да не го нарушиме пријателството, Унгарија треба да гласа за протоколот за членство во НАТО, нагласи Заев и додаде дека со Орбан нема да бара специјална средба за Груевски, но оти следува Давос и други важни меѓународни конференции на кои ќе има можност да се види со унгарскиот премиер и да ја отвори оваа тема.

Заев говореше и за Законот за амнестија, нагласувајќи дека во вакви моменти, кога земјата е соочена со можноста за остварување на стратешките цели, е потребно сите во земјата да си подадат рака.

-Примарен таргет на тој горозморен настан на 27 април бев токму јас и уште тогаш реков дека јас простувам, но напоменував  дека тоа е наше лично чувство. Ние не можеме да делиме правда и правниот систем мора да функционира и затоа понудивме вакво решение во кое се прави јасно разграничување за тоа кој учествувал во насилството, кој бил маскиран, кој бил организатор и осмислувач. Одговорноста мора да постои, затоа што таа испраќа порака дека такво нешто нема да се повтори, нагласи Заев.

На забелешката на новинарите дека всушнот Законот за амнестија е слика на пратеник кој го стиска копчето за поддршка на уставните измени и дали би било подобро тоа отворено и чесно да се каже Заев кажа дека тој секогаш отворено зборувал дека ова меѓудругото се случува и за уставните измени и додаде дека потребата од уставни промени е одговорност на сите кои се поставени на функции.

-На Македонија и треба помирување. Важно е да заврши политичкиот процес во Парламентот и конечно да ја осигуриме иднината на Македонија во ЕУ и НАТО. Помирувањето ќе се случи затоа што и самиот Закон за амнестија ја испраќа пораката на простување, ова го правиме и за да успее и процесот за уставните промени, зарем слаб аргумент се стратешките цели интеграцијата во ЕУ и НАТО, додаде премиерот.

Треба да знаете
Последни објави