Search

Нов дрворед со 300 дрва во Општина Сарај

Акцијата за засадување нови дрвја и за обновување на дрворедите во Скопје денеска продолжи со засадување нов дрворед по должината на улицата Сарај, во општината Сараj.

-На потегот од мостот на реката Вардар до раскрсницата кај Езеро Треска се подигаат нови дрвореди, во кои ќе бидат засадени над 300 висококвалитетни садници од видовите јасен и јавор. Веќе засадивме 100 садници, а во наредните денови ќе бидат засадени уште 200 садници. Оваа есен фокусот го ставаме на обновување на сите постојни дрвореди на територијата на градот и на подигање нови. Во изминатиов период подигнавме нов дрворед на Бит-пазар, а реконструиравме голем број постојни дрвореди кои беа уништени поради нерационалноста на претходната градска власт. Исто така, речиси 500 пенушки на градските сообраќајници оваа есен ќе бидат отстранети и на нивно место ќе се засадат нови здрави садници. Новите садници во дрворедите ќе бидат засадени внимателно, грижливо, со автентични видови какви што претходно имало на истото место, рече на денешната прес-конференција портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.

Оваа есен екипите на Град Скопје ќе засадат 3.500 висококвалитетни листопадни садници на повеќе локации, и во сите скопски општини.

-Земавме обврска пред граѓаните да го вратиме загубеното зеленило и да се бориме за секој сантиметар слободен простор за ново зеленило. За разлика од претходната власт која го уништуваше зеленилото каде што ќе стигнеше. Градот Скопје до крајот на годинава ќе подигне и реконструира околу 130.000 квадратни метри зелени површини, што претставува рекордна површина уредена во една календарска година. Влогот во здравата животна средина е трајна придобивка која директно влијае на здравјето на граѓаните, затоа константно работиме на граѓаните да им обезбедуваме што повеќе чисти и зелени површини, нагласи Салиху.

Оваа есенска акција за обновување на зеленилото Градот Скопје ја реализира заедно со сите скопски општини кои во неа учествуваат со свои работници, механизација и садници.

Треба да знаете
Последни објави