Search

Осуденици во „Идризово“ утре почнуваат штрајк со глад, бараат Закон за амнестија

Осуденици во КПУ„Идризово“ од утре ќе почнат дводневен штрајк со глад бидејќи власта останала глува за нивните барања за амнестија, пишува во писмото кое денеска е испратено до директорот на затворот, во кое го известуваат дека почнуваат со штрајк, дознава 24 Инфо.

Директорот на „Идризово“, Боби Мојсовски потврди дека бил известен за штрајкот, како и дека се собираат потписи од осудениците.

-Станува збор за барање за амнестија, кое во вид на петиција дел од осудениците ја испратија пред две недели до Владата, министерството за правда и претседателот на Собранието. За утре најавија штрајк со глад, но како ќе се одвиваат настаните ќе видиме. На вечерашната петиција се потпишани околу 320 затвореници, изјави Мојсовски.

Според барањата на осудениците, станува збор за Законот за амнестија со кој бараат од надлежните општа амнестија за сите дела кои ги дозволува уставот, како и осудениците на доживотен затвор казните да им бидат преиначени во затворски казни со одреден број на години, како што наведуваат во писмото е според европските закони. Ако за два дена не добијат одговор од Владата и работното тело за помирување најавија дека ќе продолжат со штрајкот, а нивните семејства ќе протестираат пред Владата.

Игор Шегавиќ

Треба да знаете
Последни објави