Цариник на Табановце украл 1.000 франци од Србин

Цариник од  Граничниот премин „Табановце“ украл 1.000 швајцарски франци од државјанин на Србија, информираше МВР.

Станува збор за С.К.(47) од Куманово, против кого полицијата поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, казниво по член 353 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија.

„На 31.05.2018 година околу 22 часот на ГП „Табановце“, пријавениот, како цариник во царинска испостава „Табановце”, извршил преглед над лицето А.С.(61) од Република Србија, кој пеш ја поминувал границата помеѓу Македонија и Србија. Притоа, пријавениот му одзел два паричници (во едниот имало само српски динари, а во другиот само швајцарски франци) и без присуство на А.С. или друг цариник извршил проверка на паричниците во службена просторија и од едниот одзел 1.000 швајцарски франци. После тоа, С.К., без присуство на друг цариник, во службената просторија извршил преглед на А.С.. Откако не утврдил неправилности, без изготвен записник, го ослободил А.С. да ја напушти Република Македонија.  Кога пристигнал во Република Србија А.С. забележал дека му фалат 1.000 швајцарски франци. Повторно се вратил на Граничниот премин Табановце и го известил пријавениот дека му фалат пари. Но, С.К. не го пријавил настанот, туку му наредил на А.С. да ја напушти Република Македонија.  На 20.06.2018 година А.С. го пријавил настанот во СВР Куманово. По преземени мерки и по консултација со Јавен обвинител против С.К. била изготвена кривична пријава“, велат од МВР.

Треба да знаете
Последни објави