Search

Фетаи: Обвинетиот Никола Груевски задоцни 19 минути и 35 секунди и не се ни извини

Обвинителката Фатиме Фетаи на денешното рочиште го искара Никола Груевски дека задоцнил 19 минути и 35 секунди и дека не се ни извинил, а на тој начин покажува непочитување на судот. 

„Сакам да укажам дека СЈО секогаш ги почитува правата на обвинетите во која било постапка, а на ова рочиште обвинетиот Даниел Трифуновски доцнеше 17 минути, а обвинетиот Никола Груевски 19 минути и 35 секунди. Тие влегоа и дури не се ни извинија. Тоа за нас значи дека немаат елементарна почит кон судот. Бараме доколку кој било од обвинетите на наредните рочоишта задоцни, соодветно да биде казнет“, рече обвинителката Фетаи.

Груевски влезе во судница од главниот влез со задоцнување, исто како на минатото рочиште, кога доцнеше 10 минути. На ова рочиште обвинетиот Даниел Трифуновски рече дека неговиот адвокат Донче Наков е отсутен и поради тоа побара одложување на постапката. СЈО не се спротивстави на овој предло, но обвинителката Фетаи нагласи дека ова е прв и последен пат СЈОда прифаќа одложување на рочиште. По ова судијката Татјана Михајлова го одложи рочиштето за 7 декември.

Судот ја раздвои постапката за обвинетиот Ристевски кој призна вина и за него судењето е во тек и се очекува судот денеска да донесе одлука.

Груевски по одложувањето на рочиштето во изјава за медиумите рече дека судењето во кое е обвинет тече по нормална постапка, дека редовно се закажуваат судските рочиште на неколку дена и дека денешното одлагање е оправдано поради отсуство на еден адвокат и тука нема ништо спорно. Тој додаде дека има видлив протекционизам во случајот со обвинетиот Зоран Заев каде рочиштата редовно се одложуваат.

„Не стравувам од казна и не чувствувам вина, бидејќи не сум сторил ништо“, одговори Груевски на прашање дали стравува од повисока санкција со оглед дека двајца обвинети досега признаа вина за оваа постапка.

За вчерашната средба кај Иванов Груевски рече дека во обид да ги смири тензиите претседателот ги повикал на разговор и дека тој на средбата само ги повторил ставовите кои веќе ги кажал на прес-конференцијата пред вчерашниот протест.

На прашање дали ќе го напуштат собранието во знак на револт поради вчерашното приведување на пратеници, Груевски одговори дека засега нема таква одлука.  

 

 

Треба да знаете
Последни објави