September 26, 2022 01:48
Свет

Зеленски: Русија се подготвува да мобилизира до милион луѓе

Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека руското раководство се подготвува да мобилизира до милион луѓе, пренесува Интерфакс.

„Однапред беа испечатени 300.000 повици за мобилизација во Русија, но руското раководство се подготвува да мобилизира до милион луѓе“, рекол Зеленски во видео обраќање, пренесува Интерфакс Украина.

Тој посочил дека протести против мобилизацијата имало во градовите во Русија и оценил дека Русите се „соучесници во сите злосторства, убиства и мачења на Украинците бидејќи молчеле и молчат“.

Според него, сега е време да се направи избор.

„За мажите во Русија ова е избор да умрат или да живеат, да бидат осакатени или да останат здрави. За жените во Русија изборот е да ги изгубат своите сопрузи, синови, внуци засекогаш или да се обидат да ги заштитат од смрт, од војна, од еден маж“, кажал Зеленски.

Тој ги повикал Русите да протестираат, да бегаат или да се предадат, додавајќи дека тоа се нивните опции за преживување.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков вчера ги демантирал наводите на одредени медиуми дека планот на Москва е да мобилизира милион војници.

„Тоа е лага“, изјавил Песков за ТАСС.